писма на читателки

Галички поздрав до ракометарите

Знамето, јазикот, името, црквата, државата, што ли остана? Остана сè!

Знамето, јазикот, името, црквата, државата, што ли остана?

Остана сè!

На нас, луѓето

Нам, Галичаните, оставен ни е аманет да љубиме. Вткаен запис во нашите вени. Обликовно го пренесовме на носиите, крикот го втиснавме во зурлите, екот во топаните, гласот во песните.

Минатото се почитува во сегашноста. А СЕГА, не може да постои изолирано и негаторски кон вчера и утре. Сега учи од  традицијата, се вдахновува од неа. Неприкосновена учителка низ времето и премрежјето. Како низ сито, ги пропушта сите нешта, а ги задржува во себе највеличествените доблести на постоењето и го става печатот на вредноста, печат – традиција. Традиција на љубење и на почитување.

На нас, Македонците, втиснат ни е печатот на човекољубие. Не кон себе си, кон човекот, кон неговото достоинство. Достоинство на живеење кое го цениме и даруваме, па можеби затоа тешко преживуваме. Љубиме и простуваме како родител кој му попушта на детето во играта за тоа да победи, да се радува, бидејќи го сака и копнее за сведоштво во раст на добрина.

На нас, народите, даден ни е идентитет за препознавање. Говориме различни јазици, а се разбираме преку говорот на срцето. Човекот го користи зборот, словото, за да изрази ЧОВЕШТИНА. Јазикот не е за плазење, туку за живототворно, гласовно ткаење. Гласот на народот е во неговата песна, во мелосот на мислата.

На нас, Земјаните, дадена ни е Земјата да ја населиме. Зарем треба и неа да ја раселиме? Мозаик од различни нации, бои, мириси, вкусови. ПОКАЖЕТЕ ПОЧИТ!

Знамето, јазикот, името, црквата, државата, што ли остана?

Остана сè!

Остана ЉУБОВТА. Остана љубовта, бидејќи таа е сегашност, минато и иднина. Плетенка на времето, на вечноста. Традиција на постоењето, корен на МУДРОСТА.

Да, ние умееме да сакаме!

Зарем тоа треба да се граби?

Тоа е дар во тебе! Не го барај за да го имаш!

Веќе го поседуваш. Пронајди го внурнувајќи се во себе, во своето срце.

Тоа е светоста на битието,

достојно да се нарече ЧОВЕК.

Љубовта не се поседува, таа се дарува...

Напред РАКОМЕТАРИ!

 

Лансирајте проектили на љубовта,

помалку фаули - повеќе голови,

победувајќи – надигрувајте,

запишуваме резултати, а втиснуваме спомени.

Ни дарувате мигови на заедништво,

вредни за паметење, достојни за почитување.

И, ако сте последни на табелата,

со човештина први да бидете во срцата!

 

                        Играјте ракомет, покажете дека

                        ние не сме недојдија - ние сме МАКЕДОНИЈА,

                        јазикот не ни е бљувотина, МАКЕДОНСКИ Е,

                        не сме ништовници - ние сме МАКЕДОНЦИ,

                        не сме неверници – веруваме во БОГА,

                        и  вербата ни е СПЛОТЕНОСТ ВО  ЉУБОВТА,

                        државата не ни е анти-вселенска – и припаѓа на ЕВРОПА,

                        едно парче, планетарна, цивилизациска ПРЕКРАСНА ЗЕМЈА.

                        Мислата ни е чиста, непоматена, бидејќи

                        ЈАС – не е тоа што се мачка на леб,

                        ЈАС е љубов, почит и благодарност!

            Духовна ерозија? Систематско труење на личноста? Не!

Одѕвонува  Делчевото јас -

„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.

                                                                                                           

Натпреварувајте се и навивајте со почит кон народите!

Навивачи, достојно вејте го знамето на светлина и топлина,

навивајќи за тимот од соништата,

но не соништа на гордоста – таа е особина на суета,

навивајте со мелодија на ПОБЕДА ВО ЉУБОВТА!

Раул Гонзалес,

диригентот на симфонијата на хармонијата

на човековото битисување! Браво!

Браво, за ПУЛСОТ НА СРЦЕТО

возбудено од благодарноста на дарувањето!

Со почит кон вашата игра, игра на човештина

Виолета Џуровска, МАКЕДОНКА,

                                                            жител на планетата Земја.

20 јануари 2018 - 07:37