По големиот метеж, татко му на Новак решил каде ќе гледа полуфинале

Триесет и четири годишниот Александар Долгополов, во моментов неактивен тенисер, на Твитер напиша дека таткото на Ѓоковиќ, Срѓан треба да биде исфрлен од Гренд слемот во Мелбурн поради тоа што се најде меѓу група српски навивачи кои вееја руски знамиња и скандираа за Русија.

Додека излегувал од стадионот после четвртфиналниот дуел меѓу Новак Ѓоковиќ и Русинот Андреј Рубљов, Срѓан се нашол меѓу толпа српски навивачи кои се фотографирале со него опкружени со српски и руски знамиња меѓу кои и едно со ликот на претседателот на Руска Федерација Владимир Путин.

Се појави видео на кое додека позираат со Срѓан, српските навивачи скандираат за Русија и за Путин, а таткото на Новак пред крај на видеото додава: „Да живееме луѓе“. Самото негово присуство меѓу толпата навивачи со српски и руски знамиња беше причина голем дел од медиумите да извадат наслови дека тој ја поддржувал руската страна во војната со Украина и дека и самиот скандирал: „Да живее Русија и Путин“.

На Твитер се огласија украински министри и парламентарци, а пиша и украинскиот тенисер Александар Долгополов кој во 2012-та беше на 13. место на АТП ранг листата, а веќе извесно време е неактивен.

„Апсолутно одвратно. Викаат дека политика и спорт не треба да се меша. Овие луѓе нема што да бараат на тениски турнири, вклучувајќи го и таткото на Новак Ѓоковиќ ако отворено поддржуваат геноциден режим“, напиша Долгополов.

Реагираа и од Австралиската тениска федерација кои соопштија дека мала група луѓе истакнала неприкладни знамиња и симболи и дека биле отстранети од стадионскиот простор.

А самиот Срѓан Ѓоковиќ изјави:

„Бев надвор со навивачи на Новак како што правам секогаш по натпреварите на син ми за да ги прославам неговите победи и да се сликам со нив. Немав никаква намера да бидам заплеткан во ова.

Моето семејство пројде низ хоророт на војната и само сакаме мир, така што за да не го нарушувам полуфиналето на син ми или кој било друг играч, одбрав да го гледам од дома.

Се надевам на голем натпревар и ќе навивам за син ми како и секогаш“.

Новак утрово игра полуфинале против младиот Американец Томи Пол.

Пред таткото на Ѓоковиќ да потврди дека полуфиналето на Новак со Пол ќе го гледа од дома, премиерот на Австралија Антони Албанезе уште еднаш го повторил ставот на земјата за про-Руските ставови.

„Ќе кажам уште еднаш, дека Австралија стои со народот на Украина. Тоа е позиција на Австралија и Австралија неколебливо го поддржува владеењето на меѓународното право. Не сакаме да гледаме нкаква поддршка на руската инвазија на Украина“.

На прашањето дали Срѓан Ѓоковиќ треба да биде депортиран од земјата, тој не одговорил директно.

27 јануари 2023 - 09:20