Тенисерот кој се дружел со Мандела, освоил Вимблдон и умрел од СИДА

Во време кога Афро-американците не смееле да одат на јавни места, им било забранувано да посетуваат кина, театри, ресторани, еден млад човек решил преку талентот за тенис да се избори со расната нетрпеливост.

На 8 април 1992 година Артур Еш - неприкосновениот шампион на „Гренд Слем“, член на Куќата на славните, најдобар американски тенисер, прв Афро-американец кој освоил Вимблдон, УС Опен и Австралија Опен, милионер, активист, писател, новинар и култна фигура по њујоршките клубови - свикал прес-конференција во Њујорк.

Раскажал дека боледува од СИДА, болест која во тие години била далеку помалку истражена, и многу пострашна отколку денес. 48-годишниот Еш соопштил јавно дека девет години претходно после операцијата на срцето го заразиле преку трансфузија на крв.

Еш истакнал дека долго време не кажувал за страшната дијагноза затоа што тоа го сметал за приватна работа и второ не сакал во очите на јавноста да изгледа како болно лице и „подвижен билборд“.

На такво нешто го принудиле околностите: новинар на USA Today му се јавил да го праша за СИДА-та. Весникот добил анонимен повик за дијагнозата на Артур Еш и спремале материјал за болеста на најславниот спортист во САД во тоа време. Артур тогаш морал да ја преземе главната улога и драматично го отворил последното поглавје од својот живот - кратко но сјајно поглавје во кое „ги откраднал“ некои од најважните настани во САД.

Артур Еш

На современиот тениски навивач, Артур Еш му е познат како човек чие име го носат најголемите терени на светот, традиционален детски празник пред US Open и годишната хуманитарна награда на ATP.

Неговите социјални активности се сметаат за поважни од тенисот и можеби со право е така, но важно е и да се сфати дека неговата хуманитарна работа не му ги намалува неверојатните достигнувања на теренот.

Еш е роден во 1943 година во Ричмонд, главниот град на државата Вирџинија каде 80 години претходно се одиграла последната кравава битка во американската Граѓанска војна.

Артур почнал да игра тенис во еден парк за црни луѓе (тогаш американското општество било сериозно поделено) на седум години, извесно време по смртта на неговата мајка. Неговата умешност со рекетот ја забележале неколку детски тренери и на крајот од ’50-те години Еш веќе почнал да се натпреварува и да освојува државни јуниорски титули.

На почетокот на ’60-те Артур станал првиот афро-американец кој победил на јуниорското државно првенство и благодарение на тоа добил стипендија на реномираниот калифорниски универзитет во Лос Анџелес (UCLA).

Тогаш Еш бил и првиот црномурен играч повикан во репрезентацијата на САД во Дејвис Купот а во 1966-та прв во семејството по таткова страна се стекнал со високо образование (бизнис управување). 

За најтешко искушение во својот живот Еш велел дека е тоа што „се родил како црнец во Америка“. Позната е историјата за тоа како во школските години во Вирџинија тој можел да игра само на отворени терени, затоа што на затворени Афро-американците немале пристап.

Еднаш на јуниорски турнир во Шарлотсвил играчите после мечот отишле заедно во кино, но Еш не го пуштиле внатре зошто бил црн.

***

Десет години подоцна Артур Еш, како поручник во американската армија и љубител на тенисот го освоил Отвореното првенство на САД во 1968 - прв на кој професионалните тенисери плаќале за учество.

Шампионските 14.000 долари сепак му припаднале на другиот финалист Том Окер затоа што бил професионален тенисер а Еш не бил.

Но што е поважно, Артур станал првиот и до ден денес единствениот црномурен шампион на US Open. Две години подоцна исто станал и на Australian Open а по четврти пат на 32 години сензационално го освоил Вимблдон 1975-та по триумфот над 22-годишниот лидер во светскиот тенис Џими Конорс.

Тој меч се смета за класична илустрација на предноста на играчкиот интелект над снагата - според легендата во арсеналот на Еш имало дури 16 варијанти на бекхенд.

Артур не бил најдобар играч во своето време и судејќи по памтењето на неговите современици тој бил нестабилен („Артур може да победи кого било кога му е денот ама може да изгуби и од многу послаб противник кога не му се игра“, рекол капитенот на репрезентацијата на САД Доналд Дел).

Но како што обично бива со големите ѕвезди, популарноста се одразила и на резултатите на Еш. Тој бил познат како спокоен и смирен играч, интелигентен човек. Таквата улога го вивнала во еден од идејните лидери на спортот кој уште во 1969 организирал Национална јуниорска лига (NJTL која се игра до ден-денес).

Во 1980-та Еш ја завршил кариерата неколку месеци по првиот срцев удар и операција. Во 1985-та станал првиот црн играч во Меѓународната тениска куќа на славните.

***

Со политички активизам Еш се занимавал уште како играч: во 1969-та во Јужна Африка поради расен признак домаќините не му одобриле виза за настап на турнирот и тој почнал кампања против апартхејдот која траела до самиот пад (во 1973-та од трет обид добил виза но не и дозвола за престој во хотел. Турнирот во Јоханесбург никогаш не го освоил но два пати стигнал до финалето).

Активно работел на исклучување на Јужна Африка од Меѓународната тениска федерација и Олимпиското движење а во 1985 година го уапсиле во Вашингтон поради вмешаност во организацијата на демонстрациите во Јужна Африка.

Таму често му приоѓале деца и му викале дека првпат гледаат црн човек на слобода. Кога во 1990-та година ослободениот Нелсон Мандела дошол во САД му кажале дека може да се види со било која јавна личност а тој прашал: „Што е со Артур Еш?“

Во 1986 година Универзитетот Флорида го поканил Еш да одржи предавање на тема „Црномурните спортисти во современото општество“.

Од спортистите во своето време Еш бил популарен скоро колку и Мохамед Али. Работел како коментатор на HBO и ABC, пишувал за Washington Post и Time, работел на развојот на тениски програми за децата во цела Америка.

По операцијата станал претседател на Американската асоцијација за срце - некомерцијална организација која се занимавала со луѓе кои страдат од срцеви проблеми.

Тој тогаш не соопштувал дека боледува од СИДА затоа што сметал дека такво признание би му ја лишила слободата на избор и би му го скратила општествениот активизам. Во својата автобиографија Days of Grace која што ја завршил неколку дена пред смртта тој раскажал дека собирал раскази за болеста и сметал дека има уште време - живеел уште десет години со сознанието дека е болен.

***

Во 1983-та година Еш отишол на втора операција на срцето и како метод на рехабилитација му направиле трансфузија на крв. Тој му се вратил на нормалниот живот: се преселил со жена му Жана Мутусами во нов дом, посвоиле ќерка (ја крстиле Камера по желба на мајката која била графички дизајнер).

Интересно, тесниот круг на Еш знаел за болеста - роднини, пријатели, па дури и тениски новинари. На фамозната прес-конференција тие џентлменски молчеле, за што тој рекол дека е “великодушен заговор во чест на мојата животна тајна“. Им заблагодарил и се расплакал.

***

До својата смрт во февруари 1993-та, тој успеал да го основа Институтот за јавно здравје (Arthur Ashe Institute for Urban Health) и Фондот за борба против СИДА (Arthur Ashe Foundation for the Defeat of AIDS).

На 1. декември 1992 на неговиот последен Ден на борба против СИДА-та Еш зборувал пред генералното собрание на ОН, а на 6. февруари следната година требал да оди во посета на Конектикат. Но не отишол поради пневмонија па се обратил преку видео порака.

Неколку часа подоцна Associated Press соопштил дека во текот на ноќта Артур Еш починал.

***

На граѓанскиот помен во неговиот роден Ричмонд дошле околу 5.000 луѓе а на погребот имало 6.000 присутни.

Следното лето Бил Клинтон посмртно го одликувал со Претседателски медал на Слободата (највисока граѓанска награда во САД), а ESPN во негова чест доделува награда за храброст Артур Еш (ја добивале Али, Били Џи Кинг, Мандела, Кејтлин Џенер...)

Во 1997-ма USTA во негова чест го нарекла главниот стадион во земјата (Централниот корт на US Open). Во Ричмонд една година претходно поставиле негов споменик на улицата која во неговото детство била забранета за црни луѓе).