Пеколни горештини на Australian Open, тенисерите едвај стојат

Во четвртокот и петокот температурата во Мелбурн отишла и на +40 степени. Многу учесници на Australian Open се незадоволни што треба да играат по такви пеколни горештини.

Гаел Монфис раскажа дека на последниот негов меч, 40 минути умирал на теренот и бил на прагот да доживее топлотен удар. А Хуан Мартин дел Потро се надоврза дека да се игра на такви услови е опасно по здравјето.

Новак Ѓоковиќ беше еден од најгласните: „Очигледно е дека нашето здравје не е приоритетно. Најважни им се продажбата на карти, телевизиските права, па на крај - играчите. Во таа смисла со нас се однесуваат како со животни во кафези“.

Според српскиот тенисер кој денес го совлада Шпанецот Алберто Рамос-Вињолас за пласман во осминафинале, таквиот однос на организаторите укажува на тоа дека на тенисерите им недостига влијателност и треба да се обединат во борбата за подобри услови.

Него го поддржа Французинката Ализе Корне која после мечот на 40 степени, уште долго време не можела да дојде при себе во климатизираните соблекувални.

„Нè пратија во кланица. Изгледа треба играчите да се обединат, за да можеме да објавиме бојкот и да кажеме дека во такви услови нема да играме. Ние не сме роботи“, луто прокоментирала Корне.

За разлика од нив, Роџер Федерер кој го совлада Ришар Гаске е спокоен: „Сите знаевме дека во Австралија ќе биде многу топло. Среќен сум што играв во вечерен термин, но не се сомневам дека би издржал и дневен термин. Тренирав во Дубаи каде стигнува и до 45+ степени, така што 38+ е нормално“.

Швајцарецот како да подзаборави дека бараше од организаторите да не му ги ставаат мечевите во најтоплото преку ден. „Да, видов како другите страдаат, но не се случи ништо страшно, сè е тоа нормално“.

Него го поддржа Григор Димитров кој порано беше познат како „малиот Федерер“: „Мене топлината не ми смета многу. Израснав во Бугарија каде летото е топло и суво, така што секоја година се чуствувам како дома. Ми одговара температурата“.

ЗОШТО НЕ ГИ ОДЛОЖИЈА НАТПРЕВАРИТЕ?

На Australian Open има правило за одложување само во случај на екстремни горештини: мечевите тогаш на сите помали терени се одложуваат а на трите стадиони со подвижни кровови се игра тенис. Проблемот е во тоа што последните два дена во Мелбурн не биле екстремно топли.

Организаторите не се ориентираат на термометар, туку на индексот Wet Bulb Globe Temperature која мери уште и влажност, јачина на ветрот и јачина на сонцето. Во петокот максималните показатели на скалата стигнале до 31 степен. Правилото за екстремна горештина настапува при 32,5 степени.

Но дури и кога се надминуваа таа температура, мечевите не се прекинуваат. Во 2014 година температурата во Мелбурн четири дена по ред надминуваше 41 степен. Каролина Вознијацки тогаш зборуваше дека се чувствувала како да е затворена во пластично шише, а Канаѓанецот Франк Данцевиќ на теренот почна да халуцинира и му се привидувало кучето Снупи.

На еден од тие луди топлотни денови организаторите одлучија натпреварите да не се играат повеќе од четири часа. Така Марија Шарапова и Карин Кнап која имаше две операции на срце, играа официјално на екстремна горештина цели 50 минути (третиот сет стигнал до резултат 10:8 во тај-брејкот).

Директорот на турнирот Крег Тајли изјави дека решението не е во затворени покриви зошто во Мелбурн многу терени се на отворено. Главниот судија на турнирот Вејн Мекејн (на фотографијата долу) зборуваше дека горештините не се толку страшни зошто во цела Австралија темепратурите биле такви. Освен тоа, тој рече дека играчите имаат време за одмор и дека не трчаат цел меч.

Најконтроверзна изјава имаше главниот лекар на турнирот во 2014-та, Тим Вуд: „Човештвото еволуцирало на африканските полиња, каде по осум часа се трчало по антилопи на такви горештини“.

Вуд сметал дека од медицинска гледна точка, да се игра на такви услови не е опасно. Вуд работеше до 2017 година.

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ОРГАНИЗМОТ НА ПЕКОЛНИ ГОРЕШТИНИ?

Се зголемува температурата на телото и организмот како одговор на тоа го зголемува потењето. Потта му помага на телото да се олади и затоа вода испарува на површината на кожата. При висока влажност, потта не испарува и системот на разладување во организмот фактички не функционира.

Во однос на австралиските горештини таму влажноста е пониска и телото не се потти како при други топлотни бранови во други места (Рафаел Надал тоа го нарече единствена позитивна ситуација). Поради тоа спортистите мора да пијат многу повеќе вода од вообичаеното, во спротивно дехидрацијата ќе донесе до тоа организмот помалку ефективно да исползува кислород за енергија. Недостиг од течности може да доведе и до грчеви.