Никој како него - Федерер го прослави својот осми трофеј на Вимблдон

Роџер Федерер со право го носи епитетот Кралот на Вимблдон затоа што попладнево по осми пат во кариерата славеше на лондонскиот Гренд Слем, против Марин Чилиќ 3:0 во сетови 6:3, 6:1, 6:4.

Големиот Роџер без многу проблеми го реши прашањето на победникот на финалето и со солзи во очите ја прослави титулата која што ја освои и во 2003, 2004, 2005, 2006, 2007, 2009 и 2012.

Емотивен беше и Марин Чилиќ, кој на стартот на вториот сет се пожали на проблеми во стопалото каде му се појавиле рани. Болките го натераа да пушти некоја солза затоа што не можеше да се бори до крај, но откако го прими медицинскиот тајм-аут, Хрватот на сосема достоинствен и фер начин ја заврши средбата.

„Никогаш не сум се предавал во кариерата а така размислував и денес. Тоа е се што можев да сторам. Го играв најдобриот тенис во животот овде, фала на мојот тим кој ми даде многу сила но и на навивачите во Хрватска. Им беше тешко денес но се надевам дека ќе се вратам овде и ќе се обидам да направам повеќе“, изјави Марин Чилиќ после поразот во финалето.

Со денес подигнатиот пехар Роџер стигна дури до 19. Гренд слем титула со што е рекордер. Тоа му е втор Гренд Слем сезонава откако му се израдува и на Австралија Опен во јануари.

Федерер има 35 години и се пошегува дека треба почесто да зема одмор и паузи затоа што одлично му оди после таков период. Трофејот од Вимблдон му е вкупно 93. во кариерата. Швајцарецот во Лондон дојде како петти тенисер на светот а од утре ќе го зазема третото место на АТП листата.

16 јули 2017 - 18:53