Мареј го прескокна Ѓоковиќ и стана прв на АТП листата

Канадскиот тенисер Милош Раониќ се повлече од Мастерсот во Париз, така што Енди Мареј без борба се пласираше во финалето и на тој начин од понеделник ќе биде светски тениски број еден. Финалето ќе му биде важно од неколку причини.

На околу 60 минути пред почетокот на големото полуфинале на Мастерсот во Париз, пред новинарите се појави полуфиналистот Милош Раониќ и изјави дека се повлекува од турнирот поради повреда која не му остава можност да игра.

Тоа значеше и дека Енди Мареј ја оствари зацртената цел и се пласираше во финалето, иако без борба. На тој начин Британецот од понеделник ќе биде прв на АТП листата, затоа што со пласманот во финалето го престигна Ѓоковиќ кој вчера по катастрофалната игра заслужено загуби, испадна и не ја одбрани титулата од лани.

На Мареј за првото место на АТП му беше доволен влез во финалето во Париз, па и да загуби во недела од Џон Изнер (го изненади Чилиќ во второто полуфинале), Шкотланѓанецот ќе има предност над Србинот.

Во случај да загуби од Џон Изнер, Мареј ќе има само пет поени предност во однос на Новак, кој ќе има 10.780. Во случај Мареј да го крене трофејот што е многу реално и остварливо, ќе има 11.185 бодови на листата.

Новак по трет пат во кариерата го губи првото место на АТП листата, а овој пат првпат после 122 недели. По освојувањето на Ролан Гарос, единствен пехар од Гренд Слемовите кои му фалеше, српскиот тенисер имаше драстичен пад во формата и делуваше дека има проблеми надвор од теренот за што сведочи и неговата вчерашна изјава после поразот од Чилиќ:

„Тенисот не е се во мојот живот. Одиме понатаму“.

Енди Мареј одигра перфектна година. По нешто слабиот почеток ги освојуваше Мастерсите во Рим, па во Пекинг, Шангај, Квинс, славеше на Вимблдон, стана најдобар на Олимписките Игри и во Виена а сега е на добар пат заслужено да го освои и Париз.