Од приказните на Ивко Панговски, шести дел

Како Вардар почна да носи дресови од Милан

Ќе ви раскаже чичко Ивко, во најновата шеста епизода од нашиот човек-енциклопедија за историски спортски приказни и анегдоти од минатото. Договорот паднал во просториите на Милан, каде Италијанците за засилување барале една легенда од Штип.

Фк Вардар 1953 година

Неколку месеци по земјотресот во 1963 година во Скопје по лична препорака на тогашниот технички директор на скопскиот прволигаш Хуго Рушевљанин, делегација на Вардар отпатува во Милано со овластување да го покани европскиот шампион Милан да гостува во градот на солидарноста и да одигра натпревар во хуманитарни цели со домашниот Вардар кој не беше поштеден од големата катаклизма.

Делегацијата на Вардар во која беа генералниот секретар Борче Неделковски и познатиот фудбалски работник Богдан Блажев Енглезот, по пристигањето во Италија отидоа на средба во просториите на Милан каде домаќините со големо внимание ги пречекаа. Со нив уште на почетокот беше остварен договор, Милан во слободен клупски термин да гостува во Скопје. Додека се утврдуваа деталите за гостувањето, во просториите влезе познатиот менаџер на клубот Мацино со бланко чек во рака. Откако му го предаде чекот на претседателот на клубот тој се обрати кон гостите: Еве ви бланко чек. Напишете колкава сума сакате. Секоја сума ќе ви ја прифатиме само во клубот да го донесете Драгослав Шекуларац. Тој е опсесија на нашиот клуб.

Ивко Панговски на Вардар - Велеш (3:1), 1957 година

Вардарците по кратко време молчење прозбореа: Шеки е фудбалер на Црвена Звезда од Белград, Тој не е фудбалер на Вардар. Претседателот на повеќекратниот шампион со повисок тон ги пресече и двајцата соговорници. Го знаеме тоа. Знаеме дека Шеки ги брани боите на белградска Црвена Звезда. Меѓутоа убаво знаеме дека тој е роден во Штип, во Македонија, па може Вардар да го употреби својот авторитет оваа легенда да го облече нашиот клупски дрес..

За среќа по подолго меѓусебно убедување победи разумот кај домаќините дека Вардар е немоќен да помогне во трансферот на Шеки за кого буквално плаче клубот и неговите навивачи.

Откако заврши овој не толку пријатен разговор претставниците на Милан едногласно прифатија да му бидат на спонзор на Вардар и како прва помош да му донираат неколку клупски опреми со кои по многу многу години скопскиот тим кој настапуваше во сини дресови и штуцни, а бели гаќи, клупската боја ќе треба да ја замени со црно-црвено дресови и црни гаќи и црвено-црни штуцни.

Приказни за Вардар, легендарниот коментатор ни раскажуваше и во првиот и во вториот дел од интервјуто.

22 декември 2015 - 15:16