Каха Каладзе стана градоначалник на Тбилиси

Легендарниот Грузиец кој долги години играше за Милан е избран за прв татко на главниот град на Грузија. За него гласале 51% од гласачите а Каха веќе беше во политиката во неколку ресори.

Уште еден нов предизвик за Кахабер Каладзе. Пребројувањето на кутиите и официјално ги дало резултатите па така 39-годишниот легендарен бек на „Росонерите“ ги победил ривалите Удумашвили од Националната Унија и независниот кандидат Елисашвили.

Каладзе е член на партијата „Грузиски сон“ чијшто основач е грузискиот магнат Биџина Иванишвили.

Каладзе по завршувањето на фудбалската кариера активно почна да се занимава со политика во својата земја. Бил пратеник во еден мандат а подоцна Министер за енергетика и природни ресурси во 2012-та. Висока почест доби и кога го избраа за потпретседател на владата на Иванишвили.

Минатиот јули дал оставка на тоа место со цел да може да се кандидира за градоначалник на Тбилиси.

КАКВА МУ БЕШЕ ИГРАЧКАТА КАРИЕРА?

Каладзе важи за еден од најголемите фудбалери во историјата на Грузија. Израснат во Динамо Тбилиси, клуб каде дебитирал на само 16 години, Каладзе фудбалскиот пат го продолжува во Динамо Киев каде ќе се сретне со Андреј Шевченко.

Токму Украинецот кој стана икона го препорачал Каха во Милан а управата реши да го купи во 2001-ва.

Каладзе играше на високо ниво во Милан цели 10 години се до сезоната 2009/2010. Освои се: скудето, Куп на Италија и Супер Куп како и два пехари во Лигата на шампионите, два европски Супер Купа и еден Светски клупски трофеј.

Кариерата ја заврши во Италија во Џенова каде ги одигра последните две сезони во Серија А пред да стави крај и почне да влезе во политички води каде засега добро плива.

23 октомври 2017 - 13:12