Имаме златно дете во таеквондо по име Горјан

Читател ни прати писмо, ама не од оние проблематичните на кои сме навикнати, туку од убавите на кои се радуваме. Се работи за дете кое активно тренира фудбал, а паралелно освојува медали во сосема поинаков спорт кој нема допирна точка со фудбалот.

Теквондо е корејска боречка вештина и национален спорт на Јужна Кореја. На корејски тае значи удар или блокада со ногa, квон е удар или блокада со рака и до е пат, начин или метод. Значи теквондо во груб превод значи патот на раката и ногата.

Ова е основно Википедија инфо за оние кои ќе речат „Што беше тоа таеквондо“, а ова е нашиот јунак Горјан Аврамовски кој освоил златен медал во А класа на сите четири турнири во Македонија во таеквондо во категорија А-27кг од 9 до 11 години.

Горјан има 11 години. Шест години тренира фудбал, а две таеквондо во клубот Кобра. Ги освоил Охрид опен, Корио опен во Кисела Вода, Илинден опен и Скопје опен, инаку единствен меѓународен турнир во Македонија на кои учествувале екипи од Србија, Бугарија, Албанија, Косово и БиХ.

„Таеквондото е спорт кој многу бргу си го зема своето место во популарноста на спортовите во Македонија. Имаме европски шампион Дејан Георгоевски од ткд Бутел, и неколку кандидати кои се борат за учество на олимпијадата во Токио 2020г. Освен таеквондо Горјан веќе 6 години активно тренира фудбал. Тренери во таеквондото му се Коста Михаилов и Катерина Михаилова која воедно е и најдобриот таеквондо судија од Македонија и прв интернационален судија во таеквондо од нашата земја“, вели неговиот горд татко Бране.

Кој и да го фатиш спортски пат во животот, нека ти е со среќа и само напред младичу. Знаете кој фудбалер има тренирано таеквондо така? Златан Ибрахимовиќ.

8 јули 2019 - 14:27