Лига на шампиони

Was ist das? Das ist Vardar!

Во најтешкиот натпревар сезонава, против некогашниот европски првак Кил, ракометарите на Вардар загубија 28-27 но поради триумфот на гости пред седум дена со гол повеќе одат на историскиот втор Фајнал Фор каде ќе го бранат златото!

Неверојатниот гол на Македа во „Шпаркасен Арена“ пред една недела се испостави како клучен за историскиот подвиг на Вардар кој таму славеше 28-29 а вечерва загуби 27-28 и поради тој даден гол повеќе оди во Келн!

На почетокот Германците неочекувано брзо направија серија 0-3 со головите на Словенецот Зарабец и 23-годишниот Швеѓанец Френд-Ефорс, а одбранетиот зицер на Ландин против Дибиров како да ги предизвика нервозните Вардарци да ја палат машината.

„Црвено-црните“ шест минути беа без погодок, а потоа возвратија со идентична серија (Борозан два пати и Дибиров еднаш) за израмнување.

Набрзо со проектил од 9 метри Борозан го однесе Вардар на 5-4 а на голот Штербик врза две одбрани за да го разбуди вулканот во „Јане Сандански“. Но Кил не чекаше многу, Австриецот Билик израмни на 5-5.

По 16 минути игра Криштопанс ја искористи својата доминантност да му донесе на Вардар позитива од 3 гола. На другата страна, со индивидуалниот квалитет на Миха Зарабец (3 погодоци), Кил го држеше Вардар на пристојна дистанца, а во 20 минута Оле Рамел го даде првиот гол и семафорот покажуваше 10-10.

Во ситуација кога соиграчите мака мачеа да го пробијат германскиот ѕид, Вуко Борозан одново распали од далечина за својот четврти гол (11-10). Во тие моменти Штербик веќе ја запиша и шестата интервенција. Во последните пет минути избраниците на Раул Гонзалес имаа +2 (13-11) благодарение најмногу на Арпад кој ги натера известувачите да стават и десетта рецка до неговото име.

Раул викна тајм-аут кога неговите момци беа со играч помалку на паркетот по исклучувањето на Абутовиќ, во продолжение Марко Вујин намали на 13-12. Падот на концентрација кај Вардарци беше евидентен кога Чупиќ промаши два пенали во две минути.

И на првата битка во Германија двете екипи немаа повеќе од 3 гола предност а така беше и во првиот дел од реваншот. Во финишот Винчек израмни на 13-13, резултат со кој се отиде на паузата.

Второто полувреме почна со третиот гол на Криштопанс - Вардар ја презема предноста на стартот но брзо остана и со играч помалку. Во 33’ минута од натпреварот Кил го доби првиот пенал на мечот кој Штербик го скроти а повеќе од 6.000 навивачи паднаа во делириум.

Сигурните 2 гола предност ги сочува Арпад „Големиот“ кој му го скроти шутот на Нилсен и го охрабри Вуко Борозан со бомба од далечина да ја искине мрежата на Волф за 18-15.

Дека нема да биде лесно покажаа сериите - најпрвин од 3-0 на Вардар па од 0-2 на Кил за 18-17 по 38’ минути игра. Резултатска клацкалица придонесе и за нервоза на теренот па во еден момент исклучени беа Рамел и Шишкарјев кои вербално се спречкаа.

„Црвено-црните“ го искористија моментумот во 40’ минута кога имаа 2 гола предност и играч повеќе на теренот. Гостинскиот тренер се реши за пет играчи во поле, заигра со празна мрежа без голман а Вардар тоа го казни по контрата на Дибиров за +3 (20-17).

Европскиот шампион се стекна со 4 гола позитива по специјалитетот на Дибиров од крило а салата тогаш еруптираше во еуфорично навивање. Вардар беше поблизу до историскиот втор Фајанл Фор по ред.

Но германската упорност не стивна. Некогашниот европски првак грчевито се бореше да остане во игра а тоа им се исплатеше во 44’ минут кога пак се вратија на само -1 гол - Домагој Дувњак за 21-20. Кога Кил опасно притисна, Вуко Борозан одговори со страшен „топ“ и ги држеше будни своите соиграчи (23-21).

Во последните 8 минути се влезе со гол предност за Вардарци (25-24) а тогаш на сцена стапи Мораеш, поранешниот ракометар на Кил кој постигна ефектен гол, свој трет на мечот за нови +2 на скопскиот состав.

За да се смири драмата во последните пет минути, Арпад Штербик ја забележа 16-та одбрана на мечот и тоа во дуел еден на еден против Нилсен! Тоа беше клучен момент на мечот затоа што на противничката половина Криштопанс распали за побезбедни два гола позитива.

Но Германците не се предаваа и во последната минута ипол го искористија невниманието на домашните играчи, направија неверојатен целосен пресврт и победија 28-27 но Вардар оди на завршниот турнир во Келн затоа што славеше победа со повеќе голови (28-29) на првиот меч во Германија!

Вуко Борозан со шест гола беше најдобар стрелец меѓу Вардарци. Лука Циндриќ даде пет а Даинис Криштопанс четири. Феноменална партија имаше Арпад Штербик со дури 16 одбрани! Кај гостите од Германија кој забележаа Пирова победа, по пет гола дадоа Миха Зарабец, Никлас Егберг и Патрик Винчек.

Покрај нашиот шампион, на Фајнал Форот учество обезбедија уште ПСЖ и Нант, а последниот патник ќе го дознаеме по мечот Монпеље - Флензбург. Завршниот турнир се игра на 26 и 27 мај во Келн каде Кире Лазаров со рекордна четврта екипа во кариерата ќе се бори за европско злато.