Лига на шампиони

Вардар освои бодови на шведската маса

Македонскиот шампион одново се врати на победничка патека во ЛШ откако вечерва славеше на гостувањето кај Кристијанштад со 30-32 во меч од 13 рунда.

„Црвено-црните“ наидоа на многу тврд орев па до последните моменти од мечот победникот беше неизвесен. Вардар имаше шанса уште во рана фаза да се одлепи резултатски но домаќинот ја презеде иницијативата и не го испушташе водството.

Кристијанштад предводен од чуварот на мрежата Капелин не дозволуваше гостите од Скопје брзо да ја оправдаат фаворитската улога.

Домаќинот водеше речиси во текот на целиот прв дел, на паузата имаше +1 (17-16).

Во второто полувреме голманот на Вардар Калифа Гебдан влезе место Милосављев и тоа како да беше клучен момент, затоа што резервниот голман фати неколку сериозни шута на противникот и го задржа Кристијанштад.

Вардарци направија серија од 3-0 и поведоа 21-24, но потоа следуваа црни пет минути во кои домаќините се вратија на -1.  На крајот Дибиров промаши пенал и Кристијанштад имаше прилика да изразмни, но Калифа спречи контра еден на еден со Фрајман.

Вардар заслужено и тешко дојде до исклучително важна победа. Прв стрелец беше Криштопанс со осум гола и ја освои наградата играч на мечот. Данил Шишкарјев постигна пет гола. На голот Калифа запиша шест интервенции а Милосављев остана на четири од првиот дел. Домашниот голман имаше 17 одбранети шута.

Со овие два бода Вардар го осигура третото место во групата А, има 17 бода и ја продолжи борбата за втора позиција со унгарски Веспрем кој има 16 но и меч помалку (со Мешков Брест во недела).

За македонскиот првак да заврши втор треба во последното коло да го добие Монпелје во Скопје, а Веспрем да изгуби на гости кај Кјелце.

23 февруари 2019 - 21:31