Убедлив старт на пулените на Ел Команданте, 20 одбрани на Борко

Македонската ракометна репрезентација им покажа на Јапонците дека нема што да бараат во дуел со земја каде ракометот е спорт број 1. Со исклучок на тенката и неагресивна одбрана, Македонија ја оправда фаворитската улога.

Со триумфот од 36:32, селекцијата на Македонија ја продолжи 10 годишната традиција со триумф да ги стартува првите средби на ракометните Мундијали. Ова е практично петта победа на шесте стартни натпревари на Светските првенства.

60-те минути во Минхен против брзата Јапонија беа показател за искуството и зрелоста на оваа репрезентација која се навикнавме секој јануари да ја гледаме на големите натпреварувања.

Раул Гонзалес тоа што намисли тактички, лесно го оствари на терен. Тактика во напад со 7:6 во која снажните Стоилов и Пешевски царуваа на своите позиции.

Единствената каква таква неизвесност на мечот можеше да се почувствува и види само во првите десетина минути од средбата во кои имаше три пресврти, два на Македонија и еден на Јапонија која водеше 4:3.

Тоа беше нивната единствена привилегија да стои предност за нив на семафорот. Најзагреани во нашиот табор беа капитенот Кире и Деки Манасков кои распалија на стартот за прва двојна предност од 10:5 во 17 минута.

Македонија го диктираше мечот и не ја испушташе предноста која до паузата се движеше меѓу 3 и 6 гола, а на полувреме замина со водство од 18:13.

Единствената слаба страна на избраниците на Раул на овој меч беше бавната и неорганизирана одбрана која многу лесно примаше голови, но тука беше извонредниот Борко Ристовски кој ги спушти ролетните и го заврши мечот со 20 интервенции.

Во финишот од мечот, Македонија уште повеќе се разигра и на крајот само ја зголеми победата која на крајот беше и убедлива од 38:29.

Најпрецизен на мечот беше Кире Лазаров со 8 гола, Дејан Манасков постигна 7, а Стојанче Стоилов 6.

Втората рунда е против Бахреин во недела со почеток од 14:00 часот.

11 јануари 2019 - 17:03