Толку беше од Светското

Македонската ракометна репрезентација го загуби и третиот меч во групата на Мундијалот во Германија и Данска, а тоа значи разигрување за пласман меѓу 13-то и 16-то место, што нема да биде задоволително за момците на Раул Гонзалес.

Откако Исланд го отвори резултатот, македонските репрезентативци со многу трпение и одлично изработени акции му се заканија на противникот. Викинзите редеа технички грешки во напад, а Македонија стигна до 4:1 со помош на четири различни стрелци.

Дека ќе биде тесно и неизвесно брзо стана јасно откако на семафорот стоеше 4:4. Потоа долго, речиси до паузата се играше гол за гол се до резултат 9:9. Кире Лазаров во финишот од првото полувреме ги презема работите во свои раце по што на пауза имавме предност од 13:11.

Македонија одигра добро прво полувреме, без да чувствува притисок за важноста на натпреварот, но во вториот дел работите одеа многу потешко. Некаде на средина Исланѓаните го свртеа резултат, откако 9 минути немавме постигнато гол, па ние бевме тие кои го бркавме резултатот.

Предноста од +2 за Исланд делуваше достижна, но сепак многу тешка за анулирање и пресврт. На 2 минути до крај Манасков погоди за -1, но доцна беше за кам бек. Следуваше седмерец за Исланд и гол за конечни 24:22.

Македонија ја испушти можноста за пласман во втора фаза и сега ќе мора да се задоволи со место меѓу 13-та и 16-та позиција.

Најпрецизни во нашиот табор беа Лазаров и Манасков со по 5 гола.

17 јануари 2019 - 19:42