Со ваква одбрана не се победува Русија

Македонската ракометна репрезентација го запишува и четвртиот пораз во низа на СП 2019. Русија ја казни слабата борбеност на нашите ракометари кои играа многу млако во одбрана. Митревски беше одличен со 15 интервенции, но Киреев блесна со 19.

Мечот меѓу Македонија и Русија беше всушност дуел на две разочарани репрезентации кои не успеаа да се пласираат во втората групна фаза на светскиот шампионат во Германија и Данска. Но Русите посериозно му влегоа на овој меч како дел од разигрувањето за место од 13-та до 16-та позиција и заслужено триумфираа.

Македонија ги доби само воведните неколку минути во кој имаше предност од 4:2, но потоа тактиката на Раул Гонзалес со 7:6 се покажа како погубна, откако Русија направи фантастична серија од 6:0.

Нашите ракометари им подарија четири топки по ред на руските ракометари на кои им беше пердуф лесно да гаѓаат во празниот гол, а првите две идентични грешки во додавање ги направи Филип Лазаров кој игра под нивото на цел Мундијал.

Раул свика тајм аут за да ги консолидира редовите по што следуваше убава серија од 4:0 и израмнување на 8:8. Конечно му тргна на Гоце Георгиевски кој реализираше 3/3. Но сепак најголемиот проблем на овој меч за македонските репрезентативци, покрај слабата одбрана беше Виктор Киреев кој им улови многу зицери.

Со помош на него, Русија ја врати предноста на полувреме на +3 (17:14), а во ист ритам продолжи и вториот дел во кој нашиот противник набрзина стигна до +6. Тоа беше највисоката предност на овој натпревар која се покажа ако недостижна.

Македонскиот селектор овој пат на стартот на второто полувреме не го предаде мечот како против Шпанија и понатаму се обидуваше да ја стопи комотната предност на Русите со помош на првиот состав.

Но слабата игра во одбрана и одличниот ден на Киреев беа пресудни за поразот на Македонија. На десетина минути до крајот резервистите на Раул добија шанса на овој натпревар, а најголемата неизвесност се случи во 55-та минута кога капитенот влезе во игра за да изведе седмерец со кој намали на -2.

Тоа практично беше и конечната разлика до која стигнаа нашите ракометари. Пораз од 30:28 по кој следува уште поневажниот меч во борба за 15-та и 16-та позиција. Тоа ќе биде утре во 13:00 часот против поразениот од мечот Чиле – Катар.

За издвојување се 9-те гола на Кире Лазаров и 15-те интервенции на Никола Митревски кои беа најдобри поединци во нашиот табор. Рускиот голман Киреев беше играч на мечот со вкупно 19 интервенции.

19 јануари 2019 - 15:16