Самсоненко и Кокшаров ќе го спасуваат рускиот ракомет

Сопственикот на ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар, Сергеј Самсоненко е поставен за генерален менаџер на руската машка ракометна репрезентација чијшто нов селектор ќе биде неговата десна рака од Вардар.

Рускиот ракомет веќе неколку години е далеку од европскиот крем. Поединечно, индивидуално, ракометари од оваа земја играат во најдобрите европски клубови меѓу кои и шампионот на Европа Вардар, но во „Зборнајата“ нешто „шкрипи“.

Русите имаа очајни резултати во квалификациите за Европското во Хрватска 2018 - 3 нерешени, 2 порази и само 1 победа и со 5 бода завршија трети во групата 6 зад Шведска и Црна Гора кои обезбедија пласман на големото натпреварување во јануари следната година.

Слободниот пад на рускиот репрезентативен ракомет започнал по два пропуштени главни собири во последните 4 години. Уште по Олимпијадата во Лондон оставка дал легендарниот Владимир Максимов а следувале нови порази: во Катар на Светското 2015 Русија не ја мина ниту групата каде заврши 5. место со 4 порази.

Репрезентацијата тогаш ја презел некогашниот олимписки првак Дмитриј Торгованов којшто во јуни 2017-та пред ревашките мечеви на Русија за Европското 2018 ги отстранувал играчите еден по еден, па на крајот останале само 11 ракометари. Победиле чудесно во Словачка, но ремизирале дома во Мосвка со Црна Гора и Европското 2018 ќе го гледаат на телевизија.

Резултати ни близу во склад со реномето на репрезентацијата која што учествувала на сите 12 европски првенства организирани од ЕХФ од кои на првите четири освојувала златни и сребрени медали.

Селекцијата на Русија воглавном е составена од играчи кои играа или играат во двата најголеми македонски клуба, Вардар и Металург: Атман Горбок, Шишкарјев, Чипурин, Дибиров, Деревен...

Сите овие момци играат одличен ракомет за своите клубови но за репрезентацијата не им оди.

„Ние одамна се набљудувавме едни со други, се оценувавме дали меѓу нас има хемија. И тоа што Сергеј Борисович (Самсоненко) се согласи од чувство на патриотизам да ни помогне да ја решиме задачата пласман на Олимписки Игри 2020 во Токио. Многу сум задоволен што така талентирани и способни раководители признаети во светот ќе работат со машката репрезентација на Русија“, изјави претседателот на Руската ракометна федерација (ФГР) Сергеј Шишкарев, а пренесува Газета.ру

Минатиот четврток оставка од местото селектор на Русија дал Дмитриј Торгованов а за нов селектор е назначен Едуард Кокшаров, спортскиот директор на Вардар кој неретко и од паркетот ги води ракометарите и ракометарките на скопскиот клуб.

„На денешното заседание на Собранието на ракометната федерација на Русија едногласно се донесе решение за назначување на Едуард Кокшаров за нов селектор на машката сениорска репрезентација“, додаде првиот човек на РФР Шишкарев.

„Благодарам за довербата која ми е укажана. За кратко време ќе биде разработен план за работа на репрезентацијата којшто ќе и биде претставен на федерацијата. Сакам да видам победничка репрезентација на Русија, стилот на игра не е толку важен. Во репрезентацијата шанса ќе добие секој играч кој е спремен да работи. Ќе ги викам сите играчи: ’како живи, така и мртви’. Ќе анализирам, ќе следам, ќе го комплетирам составот. Мислам дека нема да има проблеми меѓу мене и играчите. Со некои од нив играв во своето време, некои сум ги тренирал, сите ме знаат. И јас сите ги знам по карактер“, изјавил новиот селектор Кокшаров кој е спортски директор на Вардар.

Инаку Кокшаров е поранешен ракометар, Олимписко шампион со Русија во 2000-та, а бронзен од Игрите во 2004. Доаѓа наместото од Торгованов којшто ја водел репрезентацијата од февруари 2015 година.