Продолжува агонијата на Металург

Ракометарите на Металург не успеаа да се опорават од лошата серија ниту во петтото коло од Лигата на шампионите. Најновиот пораз го претрпеа од Чеховски Медведи.

Македонскиот вицепрвак кој се темели претежно на млади играчи, за сега не е ниту близу до триумф во елитното натпреварување. Има пет порази на пет меча, а четири од нив се со осум голови разлика.

Металурзите во Русија ниту одработија еден тренинг, ниту го имаат на клупата Данило Брестовац кој ЕХФ го суспендираше на еден натпревар.

Домаќините ја оправдаа фаворитската улога и беа во водство цел натпревар. На полувреме имаа водство од 18:13, а на крајот славеа со резултат 33:25. Единствената резултатска неизвесност на мечот се случи на средина од второто полувреме кога тимот од Автокоманда успеа да стигне до -1.

Халил Јагањац и натаму се истакнува најмногу во таборот на Металург, овој пат со 7 погодоци, Токиќ постигна четири, а Танкоски три.

На Металург му преостанува да ја прекине црната серија на 4 ноември кога го чека реванш меч пред своја публика токму против Чеховски Медведи.

13 октомври 2018 - 16:47