Ракометна ЛШ

Пеколно тешка група за Вардар во Лига на шампиони, Металург задоволен

Иако ја доби улогата носител во посилната половина од групите, ждрепката му донесе многу тешка група на Вардар, а Металург ќе може полесно да дише затоа што игра со ривали кои не се баш непобедливи.

Македонскиот првак ќе крши копја против Кјелце, Барселона, Мешков, Веспрем, Монпелје, Кристијанштад и Рајн-Некар. Од групата понатаму одат шест екипи во следната фаза.

Ова значи дека Вардарци ќе играат против своите довчерашни колеги, јунаците кои многу се заслужни за европската титула: Арпад Штербик сега е во Веспрем, Лука Циндриќ во Кјелце, а Илија Абутовиќ во Рајн-Некар Левен.

Во Скопје ќе гостуваат и некогашните „црвено-црни“ Дејан Манасков со Веспрем и Алекс Душебаев со Кјелце.

Иако лани имавме само една недоумица, а тоа беше дали некогашниот европски шампион ќе биде прв или втор пред нокаут фазата, сега Вардар ќе биде пред далеку потешка задача за влез во осминафиналето затоа што противниците се никогаш посилни а Вардар ќе биде ослабен по заминувањето на многу важни ракометари и особено тренерот Раул Гонзалес.

Во групата Б, Металург исто беше носител но го извлекоа во групата Ц каде ќе има екипи против кои веќе се пробал: Спортинг, Бешикташ, Чеховски и Татран. Во оваа група како асполутен фаворит е предвиден дански Силкеборг кој сезоната ќе ја почне со високи амбииции.

Освен нашите два најголеми клуба, во Лига на шампиони ќе играат и четворица македонски репрезентативци: Кире Лазаров (Нант), Жарко Пешевски (Мотор Запорожје), Дејан Манасков (Веспрем) и Филип Талески
(Рајн-Некар).

ГРУПА А: Вардар, Кјелце, Барселона, Мешков Брест, Веспрем, Монпелје, Кристијанштад, Рајн-Некар левен

ГРУПА Б: ПСЖ, Пик Сегед, Фленсбург, Скјерн, Загреб, Мотор Запорожје, Целје, Нант

ГРУПА Ц: Металург, Силкеборг, Спортинг, Бешикташ, Чеховски медведи, Татран Прешов

ГРУПА Д: Висла, Адемар Леон, Елверум, Вакер Тун, Динамо Букурешт, Кокс.

Првите натпревари од групната фаза на Лига на шампиони ќе се играат од 12 до 16 септември а последното коло ќе биде пред почетокот на Светското првенство, во февруари 2019. Сезонава за последен пат ќе се игра во ваков систем со 28 екипи од следната ќе има промени.