Како една ваква велесила како Данска капитулираше во Борис Трајковски?

Чуден е понекогаш спортот. Особено ако знае дека Данска стана првата репрезентација во историјата на ракометот која врза три мундијалски титули. А неодамна загуби од Македонија, на дебито на Кире како играч/селектор. Пет гола на Талески.

Велат дека Данска е eдинствената земја по СССР (во хокеј) која има троен последователен светски првак во современата спортска историја.

Нецели две години пред нашиот најлош ракометен мундијалски настап и пред Данците да и одржат лекција во финале на најтрофејната земја со 12 медали на СП од кои 6 златни, се случи тоа што може да се нарече чудо.

Во ракометна Европа одекна бомба. Македонија во квалификациите за ЕП 2022 ја совлада Данска. Светска сензација која ќе остане запеметена во Скопје на 11 март 2021-ва, за жал без публика поради пандемијата.

Една полетна, снажна, храбра и расположена Македонија, ни бледа сенка од оваа на Светското, ја изненади Данска со 33:29, 17:13 на полувреме, а во еден момент имаше највисоки +8.

Данците допатуваа во силен состав со Микел Хансен и останатите светски прваци Никлас Ландин, Емил Нилсен, Ханс Линдберг, Мадс Менсах, Јохан Хансен, Ласе Андерсон, Емил Јакобсен...

Но селекторот Никола Јакобсен донесе ноншалантна одлука. Скандинавците допатуваа во Скопје на само неколку часа пред мечот со намера да заминат веднаш по натпреварот со чартер лет. 

Лазаров, кој цел живот ќе го памети ова деби како селектор, ги казни и од клупа и на терен. Постигна 4 гола, Миркуловски и Пешевски по 3, а најефикасни беа Кузмановски, Манасков и Талески со по 5.

Бадијала беа оние 11 гола на Хансен, кога на голот беше Никола Митревски со 13 интервенции. Кладилниците на Македонија и даваа и до 15 коефициент, а на Данска 1.02.

Европа зборува за успехот на Македонија и Кире Лазаров

Грандиозната Данска е светски шампион - рекорден трет пат по ред!

30 јануари 2023 - 13:22