Година дена од чудото на Вардар против Барселона

Пред точно 12 месеци, на денешен ден Вардар направи сензација, откако на полувреме губеше со седум голови негатива, па во вториот дел се врати и оствари историски триумф против моќната Барселона во полуфинале на Лига на шампиони.

Европската ракометна јавност, и голем дел од домашната, беа скептици во однос на патот на РК Вардар до Фајнал Форот во Келн, особено што по првата историска титула клубот го напуштија неколку водечки ракометари, а почнаа и финансиските турбуленции.

Вардар јуначки стигна до Фајнл Форот во Келн, а таму ги чекаше никогаш посилната Барселона, спремна да им врати „мило за драго“ за поразот во 2017-та. Откако семафорот покажуваше 16:9 на полувремето, ретки беа оние кои веруваа во чудо. А веруваа Столе и другарите.

Освен Дејан Милосављев кој имаше 13 одбрани и Криштопанс со три гола, сите останати во првиот дел беа изгубени на паркетот.

По паузата од 10 минути, Вардар излезе како феникс на паркетот и со гранитна одбрана почна да ги фрустрира противничките шутери. Особено на 15 минути пред крај македонскиот шампион заигра фуриозно, направи чудесна серија и во 57' минута преку Мораеш израмни на 26:26.

Тогаш веќе психолошката предност беше на страна на Вардар кој овој меч никако не можеше да го изгуби по чудесното враќање. Илјадници навивачи на трибините во Арената во Келн грмеа, а Карачиќ и Криштопанс постигнаа злато вредни голови за 28-26.

Печат на историјата удри Стојанче Стоилов со прекрасен гол за 29:27 и транс меѓу навивачите на Вардар за нова европска титула. За најдобар играч на натпреварот беше прогласен Даинис Криштопанс кој постигна страшни 10 гола од 14 обиди, а огромни заслуги во европската титула имаше и Дејан Милосављев кој запиша дури 18 одбрани.

Во финалето Вардар се судри со Веспрем и после тешка борба стана европски шампион.