Денот кога Барселона не знаеше кај се наоѓа против Металург

Има еден ракометен натпревар од блиско минато кој докажа дека Скопје е ракометен епицентар, ама со екипи кои не се обични учесници во елитата. Има една Барселона, великан во различни спортови која почувствува како е да се губи во домот на мал клуб од Автокоманда со големи муда.

Тој што бил знае за што зборуваме, а тој што не бил пропуштил многу. Поминаа пет години од еден незаборавен натпревар за кој коментаторот на Алфа на почеток рече вака:

„На Металург е да се обиде, да стори сè што може да парира и да размислува на чудо“.

Се одигра на 23 февруари 2014-та во салата Борис Трајковски. Немаше големо резултатско значење бидејќи Барселона беше математички прва во групата, а Металург заедно со Вардар и ПСЖ сигурни патници во осминафиналето.

Ама без разлика на тоа Металург и Барселона лавовски се бореа, а мечот се претвори во една голема драма која беше привилегија да се гледа во живо. Металурзите под водство на Лино Червар и оној златен состав пресликан во македонската репрезентацијата обезбедија осминафинале по историското четвртфинале до кое стигнаа една сезона претходно.

Металург на голманската позиција го имаше извонредниот Дарко Станиќ и одличната замена Никола Митревски. На бековската позиција играа Вугринец, Атман и Жути (Мојсо беше повреден), пикер Ванчо Димовски, а крила Манасков и Георгиевски.

Во одбраната се знае, дуото Јоновски и Велко Марковски кои беа во играчкиот зенит, а тука беа уште и Гоце Ојлески, Дејан Пецаковски, Златко Мојсоски, Никола Митревски, Никола Марковски, Никола Кеџо и Лука Циндриќ кој тогаш имаше само 20 години.

Мотиваторот на Металург кој со својот силен и радиофоничен глас ја палеше публиката, ги најавуваше ракометарите на Барса и откако остана уште еден рече: Ќе ве молам за внимание.

Тогаш во сала влезе најомилениот и најдобриот македонски ракомет на сите времиња. Публиката скандираше, а Перо Момировски во пренос: „Се тресе домот спортски во Скопје, Кире Лазаров е претставен. Да дојдете како опонент, а да добиете вакви аплаузи, тоа значи дека сте ја задолжиле оваа земја за многу многу. Тоа е Кире Лазаров“.

Добро е што овој историски натпревар на кој Барселона го запиша првиот и единствен пораз во група го има цел на јутјуб, а доколку не ви се гледа цела ракометна претстава ќе ви кажеме на кои делови на обрнете внимание.

Чудесниот пресврт, клучен за триумфот на Металург почна да се случува некаде по 20 минути игра. Каталонците тогаш имаа предност 7:10, а на пауза заминаа со негатива од 15:11. Тоа беше страшна серија од 8:1, која Миркуловски на старт на второ ја надополни со еден гол и предност од +5.

Металург играше гранитна одбрана, Станиќ и Митревски бранеа извонредно, а Барселона беше разбиена преку контри. По комотното водство момците на стариот лисец Лино искусно ги надмудрија Каталонците со долги напади за да се троши времето.

Драмата продолжи во вториот дел во кој Металург не само што влезе со фантастичен пресврт, туку замислете го диктираше темпото и резултатот кој уште во неколку наврати беше +5.



Но Барселона е Барселона и тргна со сите сили за да не си замине поразена, па мечот на крај влезе во неизвесност. Во 59 минута Лазаров погоди за -1, но во последниот напад ракометарите на Барса го подзаборавија Гоце Георгиевски кој непречен од никој погоди за конечни 31:29.

Остана време за само еден напад на Барселона, а тоа значеше огромно славје за публиката. Во делириум беа и новинарите кои наместо да го куцаат извештајот, стоеа на нозе и урлаа како ултраси. Во Борис Трајковски беше вистински делириум, бидејќи како што кажа Перо, чудо е да се победи великан како Барселона.

По последниот свиреж на судијата на паркетот за малку беше избегната и тепачка меѓу Ренато Вугринец и Никола Карабатиќ.

Најзаслужни за историскиот успех на Металурзите беа новајлијата Циндриќ со 7 гола, а Вугринец и Георгиевски постигнаа по 6. Фантастичен на голот беше Митревски со 9, на кој се придодаде Станиќ со 6 одбрани.

Ете така Металург успеа да ја тресне Барселона од која на првиот дуел загуби со 18 разлика (35:17).

На 31:10 на видеото го имате голот на Циндриќ со кој Металург го почнува пресвртот, а на 1:43:45 е последниот напад на Металург и голот на Георгиевски. Но прво најавата за Металурзите и Кире на незаменливиот мотиватор кој инаку имаа пеено по кафани (барем така ни има кажано еден наш упатен извор). Нема појак од него за палење публика.

25 февруари 2019 - 15:26