Данска е нов светски шампион, Хансен и другарите ја растурија Норвешка

Ракометарите на Данска се прошетаа до златото на Светското првенство, откако вечерва убедливо ја декласираа репрезентацијата на нивниот сосед Норвешка со 31-22 (18-11).

Предводени од најдобриот ракометар на светот Микел Хансен, кој вечерва постигна 7 гола и по сташната партија против Франција, уште еднаш докажа дека му нема рамен.

Данците првпат во историјата се светски шампиони. Тие три пати беа втори откако губеа во финалните средби (1967, 2011 и 2013). Имаат и светска бронза од 2007. 

Со освоеното злато на Мундијалот, Данците обезбедија и пласман на Олимписките игри 2020 каде ќе го бранат тронот. Оваа генерација на Данска ќе влезе во учебниците како прва која ги обединила олимпиското и светско злато.

Со освеното злато на Мундијалот организиран во Германија и во нивната земја, Данците станаа дванаесетта селекција која се качила на светскиот трон. На врвот и натаму доминира Франција со дури шест титули светски првак. (Шведска и Романија имаат по четири злата на Светските првенства, а Германија, Русија и Шпанија по две. По една освоија Хрватска, ЧССР, СССР, Југославија и Западна Германија)

Како и во полуфиналето против Франција (38:30), Данците од почеток до крај го контролираа резултатот и на противникот му овозможија рамноправен натпревар само во првите пет минути.

Десното крило Ласе Сван Хансен беше иницијатор на „потопот“ на Норвежаните кои до крајот скоро и да заборавија кога прв и последен пат водеа (4:5).

Единствено Сандер Сагонсен се трудеше да ја држи Норвешка во некаква игра, но Расмус Лауге и Мадс Менсах ја однесоа Данска на +7 на полувремето.

Во вториот дел продолжението од мечот беше протоколарен. Домашните навивачи уживаа во мајсториите на Хансен кој го заврши мечот со седум гола. Ракометарот на ПСЖ Мундијалот го заврши како прв стрелец со 72 постигнати погодоци!

Норвежаните и во 2017 играа во финалето на Светското првенство и тогаш загубија како вечерва, што значи дека имаат две сребра по ред.

Третото место и бронзата и припадна на Франција која во драматичен финиш ја победи Германија. На конечниот редослед следат Шведска, Хрватска, Шпанија, Египет и Бразил.