За Македонецот кој се прослави на Олд Трафорд

„Кога Ерик Кантона постигна гол, начинот на кој го прослави и реакцијата која ја предизвика кај навивачите, беше доволна да си кажам тоа е тоа“.

Внучко, овој лево на сликата е Бруно Фернандеш, играчиште уште од времето на Спортинг каде се здружи многу со наш познат репрезентативец, Стефан Ристовски. За овој десно од каде да почнам, една од најголемите фудбалски легенди, сигурно си гледал видеа на Јутјуб, Кристијано Роналдо се вика.

Овој во средина е дедо ти Аце. Сликава е многу стара и е направена на 20 октомври 2021-ва година. Гледаш уште сум млад тука, дали имам 30 години. Тогаш одев да ги гледам со авион дури до Англија. Од дете ги сакав.

Се сеќавам ова беше утакмица од Лига на шампиони, гостуваше една италијанска екипа по име Аталанта. Опасни беа во тоа време и на полувреме водеа 0:2, ама потоа во второ како да ти раскажам, 3:2 заврши. Епски пресврт. Делирум на стадион. Дедо ти најгласен беше.

На Александар Зелениковски му стокмивме приказна за во иднина на која вечно ќе се потсеќа и во пензионерски денови. Веројатно планира да ја урами фотографијата со Бруно и Кристијано, на која сигурно е ептен горд и за едно 50 години ќе им ја раскажува на внуците.

Додека мечот од ЛШ во вторникот одеше на МТВ, на полниот Олд Трафорд во кадар даваа едно момче со еуфорична прослава после пресвртот на Роналдо. На толку англичани, тој да ти биде наш човек. Александар од Скопје, голем навивач на Манчестер Јунајтед и член на македонскиот фан клуб.

За МакСпорт раскажа како се заљубил во англискиот гигант.

„Порано англиски фудбал се емитуваше на првиот канал на МРТ. Татко ми навива за Милан, но гледаше и други лиги, па се погоди да го гледаме Манчестер Јунајтед. Еден играч на тој тим посебно се издвојуваше. Кога Ерик Кантона постигна гол, начинот на кој го прослави и реакцијата која ја предизвика кај навивачите, беше доволна да си кажам - тоа е тоа“.

Јунајтед на стадион за прв пат го бодрел пред 10 години.

„Мојот прв натпревар проследен во живот беше дуелот Отелул-Манчестер Јунајтед, во Романија. Тој меч нема никогаш да го заборавам. Стрелец на головите беше Вејн Руни, кој ми е еден од омилените играчи“.

Македонските срца кои чукаат за Манчестер Јунајтед 

22 октомври 2021 - 12:24