Gegen Montagsspiele

Навивачите на Дортмунд од принципи не гостуваа во понеделник, по цена на титула

Борусија Дортмунд после цели 7 години може да стане шампион на Германија, но навивачите на овој клуб кои важат за едни од најверните во Европа, го пропуштија важното гостување во Нирнберг. Од принципи.

Синоќа Борусија Дортмунд одигра само 0-0 кај давеникот Нирнберг и остана куса за два бода кои и тоа како вредат во трката за шампионската титула.

„Милионерите“ останаа без драгоцена поддршка од своите најверни, кои како и сите други навивачки групи во Германија, протестираат против понеделнички фудбал.

Додека домашните навивачи со цел репертоар песни, пароли и знамиња ја навредуваа Германската фудбалска федерација поради глупавата замисла Бундеслига да се игра и во работен ден (навивачите стојат на фактот дека фудбалот е вековна традиција во земјата и дека секогаш викендите се предвидени за фамилијарно одење на натпреварите), гостинскиот сектор остана празен.

Во оваа земја има голема солидарност меѓу навивачките групи кои сметаат дека воопшто не е во ред некој да патува долги километри сред работна недела, само за да им се угоди на моќниците од федерацијата и спонзорите кои заедно со телевизиските куќи ја ускладуваат програмата како ним им одговара.

Навивачите на Нирнберг на два пати го прекинуваа мечот откако фрлија стотици тениски топчиња на терен со цел да го свртат вниманието на јавноста кон нивниот апел да се прекине со фудбал во првиот ден од работната недела.

Гостинскиот сектор остана празен откако навивачите на Дортмунд соопштија пред неколку дена дека ќе го пропуштат Нирнберг.

Мечот Нирнберг - Дортмунд заврши 0:0 и Борусија пропушти прилика одново да му избега бодовно на Баерн Минхен. Баварците минатиот петок славеа 2:3 кај Аугзбург и сега се на само 3 бода заостанување зад најголемиот ривал.