Солунски ПАОК се соочува со казна поради транспарентот за Македонија

И поради лоша организација на мечот од 3. квалификациско коло за ЛШ против Спартак Москва - нападнати руски новинари, употреба на ласер при изведување на пенал за гостите и уште неколку дела.

Иако делуваше дека УЕФА веќе некое време демонстрира импотенција кога е во прашање клубот од Солун, овојпат луѓето од Нион нема да замижат пред инцидентите на навивачите на ПАОК.

На синоќешниот меч против Спартак Москва на кој гостите после 17 минути игра имаа убедливи 0:2 а ПАОК до крајот од првиот дел направи неверојатен пресврт 3:2, на истото место како и во изминатите пар сезони стоеше огромниот натпис MACEDONIA IS ONE AND ONLY AND IS HERE.

Овој транспарент стои речиси на секој првенствен натпревар на стадионот „Тумба“ во Солун, а веќе извесно време без проблем стои и за време на еврокуповите. Според правилникот на УЕФА истакнување на било какви пароли и знамиња со политичка конотација е забрането и казниво.

Делегатот на мечот, Алон Јефет од Израел во својот бележник запишал неколку работи меѓу кои и фрлањето предмети во терен, употреба на пиротехнички средства како и блокада на трибинските скали.

Дисциплинскиот комитет на УЕФА на првото следно заседување би можел да му изрече казна на ПАОК кој неколку пати во минатото беше ставен под условна казна.

Во 71’ минута Спартак доби пенал при резултат 3:2 а на изведувачот Квинси Промес му сведеа со неколку ласери истовремено во очи. Холандскиот репрезентативец го промаши пеналот, т.е. голманот на ПАОК му го одбрани но овој инцидент и тоа како може да го чини грчкиот клуб.

Останува да се види дали УЕФА навистина е импотентна и има двојни аршини или ќе казнува според правилникот.

9 август 2018 - 11:57