Се одјави Гокси - скопска легенда и еден од основачите на Комити

Еден од основоположниците на македонската тифо сцена, Горан Костадиновски - Гокси утрово на 51 година почина во Скопје. Беше меѓу основачите на навивачката група „Комити“ а подоцна и идеен творец на групата „Сити Парк Бојс“.

По долго боледување Костадиновски починал утрово на една од скопските клиники. Неговите роднини, пријатели и познаници се простуваат од него на социјалните мрежи.

„Си замина еден голем Вардарец, еден од основачите на Комити и еден од најголемите навивачки умови на овие простори. Последен поздрав до нашиот другар Гокси. Вечно ќе биде запаметен. Нека почива во мир…“, напишаа неговите другари од навивачката група на Вардар.“

Од 1997-ма година и основањето на групата ЦПБ, поддржувачи на КК Работнички, Гокси беше неизоставен дел од трибините во „Градски парк“. Благодарение на неговата досетливост, ведрина и интелект, градското дерби Работнички - МЗТ Скопје стана врвен спортски настан во земјава.

Ден-денес се прераскажуваат анегдотите со Гокси, творец и автор на стотици амблеми, грбови, шалови, капи, маици, дресови, транспаренти, пароли, како на легендарниот Запад, така и зад едниот кош во салата „Градски Парк“.

Гокси беше еден од првите кои во средината на '90-те години ги преслика сите тогашни текови на ултрас движењето од Европа во земјава: Првите навивачки фанзини, списанија и VHS касети со документарци за навивачкиот свет. На неговите приказни пораснаа многу генерации кои научија што значи менталитет, лојалност, истрајност.

Почивај во мир, Гокси.

Засекогаш твои City Park Boys.