Најболната навреда на сезоната е од францускиот фудбал

Иако малкумина знаат, во Франција жестината на дербито меѓу Сент Етјен и Лион е речиси идентична како онаа пеколната меѓу Пари Сен Жермен и Марсеј. Ако не и поголема.

Во неделата во Франција се одигра големото Ронско дерби меѓу Сент Етјен и Лион, два клуба чии навивачи страшно не се поднесуваат. Лион славеше со гол буквално во 90+5' минута од судиското продолжение и ги погоди домашните навивачи на најболен начин. (За оние кои не знаат, Сент Етјен е најтрофеен француски клуб со дури 10 шампионски титули, а Лион има 7 од кои 6 по ред од 2002 до 2008).

Но на трибината каде стоеле најжестоките ултраси на Сент Етјен, во еден момент од мечот се појавила крајно навредлива и нечовечка парола на адреса на гостинскиот фудбалер Мемфис Депај.

„Мемфис - 5 милиони следбеници, но и натаму без татко“.

Фудбалерот кој од Манчестер Јунајтед дојде во Лион е роден во околината на Ротердам, во семејство на бегалец од Гана и мајка Холанѓанка. Татко му на Депај го напуштил семејството кога имал 4 години.

После тоа, мајката на идниот холандски репрезентативец продолжила да живее со друг маж кој имал дури 15 други деца. Мемфис бил шеснаесетто дете.

Талентираниот крилен напаѓач никогаш не сака да се сеќава и да раскажува во интервјуата за своето тешко детство, но тоа што му го направил татко му кога го оставил оставило голема трага на него. Од таа причина на неговиот дрес ден-денес го носи само своето име Мемфис а не и презимето Депај.

Навредливата парола од некои квази навивачи на Сент Етјен алудира на тоа што холандскиот репрезентавиец на Инстаграм има 5 милиони следбеници.

Мемфис после мечот им одговорил на Твитер, откако ја ретвитнал фотографијата со натпис, “5,9 поточно“ затоа што неговиот профил на Инстаграм се стреми кон 6 милиони фолоуери.

Што се однесува до самиот натпревар, Сент Етјен го отвори резултатот, но во вториот дел најдобриот играч на Лион Фекир израмни на 1-1 а во 90+5' минута, Муса Дембеле со еврогол со глава им донесе победа на Les Gones.

Овој гол не го прославил ниту еден гостински навивач на трибините, затоа што веќе неколку години ова жестоко дерби се одржува без гостинска публика поради проблематичните навивачи.

Фудбалерите на Лион ја славеа победата во дербито во соблекувалната:

23 јануари 2019 - 20:31