Масовно апсење ултраси на Јувентус кои го уценувале клубот за карти

Паралелно со тоа што од година во година прави врвен тим кој конкурира за трофеј во Лига на шампиони, Јувентус се соочува и со голема побарувачка за карти од кои има голем прилив на заработка. Тој интерес го злоупотребувале неколку водачи на навивачите кои денес завршија зад решетки.

Дванаесет видни „глави“ од најголемите ултрас групи на Јувентус: Drughi, Viking и Nucleo 1985 утрово биле приведени во полиција поради рекетирање и уценување на клубот со цел да имаат привилегиран пристап до карти кои подоцна ги препродавале.

Италијанската полиција соопшти дека истрагата е во тек и се одвива на ниво на цела Италија, што значи дека се очекуваат нови апсења.

Овие ултраси ја уценувале управата на Јувентус: „Или ќе ни дадете карти или ќе ни го суспендираат стадионот зошто ќе скандираме расистички извици“.

Обвинителството и италијанската полиција веќе неколку години работат на сузбивање на криминалната група ’Ндрагета од Калабрија која е поврзана и со уценување и рекет за препродажба на карти на „Алијанц стадионот“ во Торино.

Истрагата започна пред една година откако Јувентус пријавил уценување, после што следеа две апсења. Бјанконерите лани беа казнети со 1 меч играње без публика во делот на трибината кај што стојат најжестоките навивачи на Јуве.

Претседателот на Јувентус Андреа Ањели доби казна од поради нелегалната продажба на карти, но неговата 1-годишна суспензија беше укината на суд на барање на италијанската фудбалска федерација во декември 2017.

16 септември 2019 - 12:59