Кој е Диаболик, водачот на лацијалите кој направи милиони и заврши со куршум во глава?

На 30 јануари, 2000-та, годината во која го освоија Скудетото, на мечот Лацио – Бари на трибината под негова контрола се појави транспарент со поддршка на Аркан. Држеше бизниси со обележја на Лацио, а беше апсен за трговија со дрога под обвинение дека е шеф на криминална група.

Фабрицио Пишители познат под прекарот Диаболик беше најмоќен, а за некои и најпочитуван водач од страна на навивачите на Лацио. Го сметаа за лидер и движечка сила на трибината Курва Норд, која познато е дека не ја бие баш добар глас поради фашистичките испади.

Во средата приквечер седел сам на клупа во парк во Рим, каде се претпоставува дека имал закажано средба. Но во 19 часот меѓу луѓето кои џогирале во паркот, се помешал човек замаскиран со дуксер, го застрелал во глава од зад грб и побегнал.

Според пишувањата на италијанските медиуми, зад убиството можно е да стои албанска мафија со која Диаболик веќе некое време имал бизнис зделки за дрога. Иридучибили веднаш му оддадоа почит и на клупата оставија цвеќиња и навивачки реквизити.

Неговото име се појавува во римска мафија позната под името "Batteria di Ponte Milvio", активна во северниот дел на главниот град на Италија која соработува со албанска за продажба на кокаин.

Фабрицио кој е егзекутиран на 53 години има долг, ама и заебан беграунд. Се пробивал на навивачката сцена на крајот на 80-те и почеток на 90-те и за кратко време станал еден од водачите на Иридучибили.

Во минатото бил вклучен во разни судски истраги во обид да го преземе Лацио. Со финансиската криза настаната во времето на Серџо Крањоти, заедно со други ултраси го спонзорирале Џорџо Кинаља за да стане прв човек на клубот.

Се работи за легендарен напаѓач на Лацио од првото Скудето 1974-та, како и поранешен претседател на клубот од 1983-та и 1985-та. Но обидот му пропаднал бидејќи Кинаља бил обвинет за перење пари во кои биле вклучени и соработници од криминалниот синдикат Камора, а Диаболик заедно со уште тројца лидери, во 2015-та осудени на 3 години и 6 месеци во обидот да го преземат клубот.

Повеќето контроверзни пароли на Курва Норд потекнуваат од неговото владеење на трибината, како што се нацистичките симболи и поддршката на ликови од типот на Жељко Ражнатовиќ – Аркан.

Она што најлесно ја алармирала полицијата е високиот животен стандард, наспроти многу слабата даночна пријава која ја прикажувал. Во истрага направена во април 2014-та, финансиската полиција му запленила 2,4 милиони евра.

Според истрагата, парите ги заработил преку компанија за продажба на гаџети од Лацио која им ја препишал по пола на жена му и ќерка му. Но тоа не е се. Поседувал и 70% од акциите на друга компанија во фаза на ликвидација “Fans Edition“, каде како директори имало уште двајца историски лидери од навивачката група на Лацио.

Диабло живее

Неговата поврзаност со трговија на дрога датира уште од периодот меѓу 1991-ва и 1992-ра кога се здружил со познати криминалци од кланот Абате од област во близина на Неапол. Интересите му биле да снабди во Рим хероин од Турција и хашиш од Шпанија.

Две години пред да го осудат за преземањето на клубот, го уапсиле во стан во предградие на Рим каде се криел од полицијата. Обвинувањето било дека бил шеф на криминална група која работела со трговија на дрога на релација Италија – Шпанија. Му пронашле и арсенал на оружје.

На местото на убиството се собрале навивачи кои ги бркале новинарите

9 август 2019 - 14:54