Грчки навивачи избркани од Австралија опен поради скандирања против Македонија

Отишле на еден од најпознатите светски тениски турнири со намера да ја бодрат Марија Сакари, ама се однесувале како да се на фудбал и плус мешале политика.

Се работи за група од околу 20 грчки навивачи кои заминале на Мелбурн Парк за да го следат мечот на нивната Марија Сакари против јапоската претставничка Нао Хибино.

Навивачите почнале да креваат голема врева и да пејат навивачки песни како да се на некое фудбалско дерби. Почнале и со националистички скандирања со политичка конотација против Македонија кои не се дозволени на Гренд слем турнирите, а извадиле и знаме со Виргина.

Групата повеќе пати била предупредена од судијата, обезбедувањето и полицијата и откако немале намера да престанат биле исфрлени од турнирот.

Слично вакво однесување било забележано и кога го бодреле Стефанос Циципас кој ги искритикува за однесувањето.

23 јануари 2020 - 09:25