Фудбалот во Македонија се сака и во трета лига

Викендов имаше каубојско однесување на стадионот во Чаир, римско дерби без навивачи и полно Ел Класико со скоро 100.000 навивачи. Но рангот и квалитетот на фудбалот не е секогаш пресудни за интересот на публиката, а тоа се виде во Неготино.

Овој спортски викенд мина во знакот на дербито на тиквешијата меѓу Вардар Неготино и Тиквеш од Кавадарци во рамките на третата лига југ или поточно на нивните навивачки групи кои им одржаа лекција на прволигашите или барем на некои прволигаши кои не можат 500 души да привлечат на стадион.

На градскиот стадион во Неготино имаше околу 5.000 гледачи, бројка која доаѓа на Филип Втори за да ја гледа македонската репрезентација, а навивачите приредија спектакл. Резултатот 0:0 беше во втор план, а главни актери беа навивачите со нивните провокативни транспаренти.

Лозарите ги дриблаа домаќините за семафорот, а Винарите им враќаа со тоа дека немаат воз.

За пофалба е гестот на Винарите кои мечот го искористија за хумани цели, а тоа е сите пари од влезниците кои чинеа 100 денари да одат за помош на младиот Илија Таневски на кој му е потребна операција.

Вардар Неготино и натаму е непоразен на лидерската позиција и по 15-те победи по ред ова им е прво реми, а Тиквеш со 15 бода помалку се наоѓа на третата позиција.

Ова локално дерби кое го одбележа викендот во македонскиот фудбал нека биде поттик плус за средување на работите во најпопуларниот спорт во светот, без разлика што се игра кај некого по балкон.

4 април 2016 - 12:09