Диско преработката од 1985-та која тргна од мало место, а сега ја пее цел навивачки свет

Во последниве две години, ширум фудбалските стадиони во Европа често се пее една неверојатно певлива мелодија која настанала пред 34 години од италијанското дуо Ригеира.

Во оние пеколни минути кога секоја секунда траела како година за нив, а крајот на драмата изгледал недостижен, навивачите на Ливерпул немале што друго освен да пеат за да ги смират нервите.

Како ритуал, како одвлекување на вниманието од стравот, како молитва, почнале со клупската химна “You’ll Never Walk Alone,” па прешле на “The Fields of Anfield Road” и “We Shall Not Be Moved.”

Кога полуфиналето на Лига на шампиони против Рома на „Олимпико“ конечно заврши а некои дури и сметале на дигитрон вкупен резултат (7-6 за Ливерпул), многу од Италијанците кои тргнале кон излезите се зачудиле зошто Англичаните го слават влезот во финале на ЛШ после една деценија со мелодија на една италијанска песна - “L’Estate Sta Finendo” („Летото завршува“).

Се работи за мегахит од 1985 година од диско дуото Ригеира. Навивачите на Ливерпул во тој момент уште немале смислено зборови за песната, па само мавтале со шалови и пееле "Allez Allez Allez.”

КАКО И КОГА ОВАА ПЕСНА СТАНАЛА НАВИВАЧКИ ХИТ?

“L’Estate Sta Finendo” е прекрасна меланхолична песна во која се зборува за тагата кога летото завршува, стануваш голем и ти недостига сè.

Песната први ја преработиле навивачите на малиот нисколигашки клуб Аквила, мало градче во реонот Абруцо во јужна Италија. Потоа како вирус се ширела во Торино, Неапол, Џенова, во Португалија, во Германија, пред да дојде до Ливерпул.

Овој хит не е прв кој тргнал од мало место а завршил на мегаломанските стадиони. Светски познатата “Dale Cavese” исто има неверојатна позадина. Кога стигна до Аргентина, стана планетарен хит кој го потпевнуваат и случајни минувачи.

„Песната ја напишавме кога имав 20 години. Се работи за крај на летото, за крај на одморот, почеток на школото, школската година. Тоа е време кога завршуваат многу љубовни приказни, кога знаеш дека веќе нема да ги видиш тие луѓе пак. Момент кога времето поминува“, вели Стефано Риги, авторот на оваа песна заедно со неговиот колега Стефано Рота.

Во 1985 година била голем хит во Италија, а набрзо и прва на топ листите во Германија и Швајцарија. Дуото Ригиера тогаш напишало уште неколку песни кои подоцна биле адаптирани од навивачите (“No Tengo Dinero" ја препеале ултрасите на Рома во чест на легендарниот бразилски фудбалер Тонињо Череѕо).

Двајцата ни на крај памет не помислиле дека “L’Estate Sta Finendo” после 30-ина години ќе заживее низ цела Европа. Сè почнало случајно. За време на еден настап на Риги во Аквила, град кој во 2009 година беше речиси целосно уништен од катастрофалниот земјотрес, тој ја извел оваа песна.

„Неколку дена подоцна пар другари ми пратија видео како навивачите на клубот Аквила ја пеат песната со изменети зборови. Почнуваше со Un giorno all’improvviso (Случајно еден ден).

Аквила е тим од пониските лиги но има мошне верна навивачка група позната како „црвено-бели орли“. L'Aquila на италијански е орел.

Тие во сезоната 2013/2014 за првпат ја пееле песната која брзо станала вирална.

Лидерот на оваа група за The New York Times рекол дека ултраскиот кодекс не му дозволува да раскажува за медиумите како ја преработиле песната.

Од Аквила подоцна ја прекопирале навивачите на Џенова и на Јувентус, омилениот тим на оригиналниот автор на песната. Најмногу ја присвоија тифозите на Наполи: „Па таму е како химна на клубот“, рекол пеачот Риги.

Секоја група ги менува стиховите, но сите започнуваат со un giorno all’improvviso. Наполитанците имаат и стих Difendo la citta' (го бранам градот). 

После Наполитанците, песната ја преработија и навивачите на Атлетико Мадрид кој ја грмеа за време на финалето на Лига на Шампиони против Реал Мадрид на „Сан Сиро“ како и во финалето на Лига Европа против Марсеј во Лион. 

Од Мадрид хитот се префрли во Глазгов каде ја пееа навивачите на Ренџерс.

Едно време одекнуваше и од групата Super Dragons која го поддржува Порто. Лидерот на групата, Фернандо Мадуреира потврдил дека првпат ја слушнале од клип на Наполитанците. Ја пееа на гостувањето во Дортмунд против Борусија во 2016.

Водачот на навивачите на Порто вели дека оние на Ливерпул првпат ја запеале откако ја слушнале од нив:

„Игравме во осминафинале од Лига на шампиони и тогаш како ја слушнаа од нас, почнаа и тие спонтано да ја пеат“.

Неколку недели по гостувањето на Порто во Дортмунд во 2016, извесен Фил Хауард, навивач на Ливерпул бил на лице место со Super Dragoes во подземната железница. Веднаш подоцна барал на Јутјуб.

„Пробав да најдам видеа од нив и сакав брзо да направам наша верзија. Не сакав Челси или Манчестер Јунајтед да ја препеат пред нас“, вели Хауард. Тој му пратил порака на другар му Лиам Мелоун: „Му кажав дека овој хит може да биде следната Ring of Fire - хитот на Џони Кеш кој грмеше после чудото на Ливерпул во Истанбул 2005.

Електричарот и гитарист Џејми Вебстер бил на мечот против Порто кога првпат ја запеале песната: „Претходно слушав некое мрморење на Енфилд, но не се разбираше. Во Порто неколку дечки ја почнаа, луѓето не ги знаеа зборовите но се трудевме да ги пратиме. Сфатив каков потенцијал има“, рекол Вебстер кој работел на измена на текстот подоцна.

После неколку дена, на една свирка во Halfway House pub близу „Енфилд Роуд“ пробале да ја отсвират:

„Оддеднаш избувна еуфорија и толку требаше“. Ја пееле и против Манчестер Сити во четвртфиналето на Лига на шампиони во април а подоцна и во Премиер лига редовно.

А некаде подалеку, во Италија, телефонот на Риги редовно бипка со пораки од пријатели кои му праќаат видеа од разни стадиони каде се пее неговиот хит. Пресреќен бил кога ја слушнал во финалето на Лига на шампиони во Киев.