Свето (пивара) Јаневски спонзор на Црвена звезда

На неколку евролигашки и АБА средби кои кошаркарскиот клуб Црвена звезда ги игра како домаќин имаше подвижни реклами „Тиквеш“ па многумина се прашуваа од кога. Денес и официјално е потпишан договор за спонзорство.

Компанијата М6 чијшто основач и сопственик е бизнисменот Светозар Јаневски стана спонзор на кошаркарскиот и фудбалскиот клуб Црвена звезда.

Како што наведуваат белградските медиуми, фокус на соработката ќе биде врз промоцијата на бреднот BIP (Белградска индустрија на пиво) компанија која што од неодамна ја обновува токму М6 во рамки на која функционира и винарскиот бренд „Тиквеш“.

Винарскиот бренд ќе го спонзорира кошаркарскиот клуб Звезда а BIP фудбалскиот.

„Традицијата, богатата историја и многу емоции се заеднички за овие брендови и за Црвена звезда“, изјавил Јаневски при потписот на договорот за спонзорство.

Претседателот на Собранието на спортското друштво Црвена звезда Петар Шкундриќ на средбата изјавил:

„Многу ни е драго што компанијата М6 го препозна значењето и вредноста на фудбалскиот и кошаркарскиот клуб Црвена звезда. Се надеваме и веруваме дека ова е само почеток на заедничка соработка и дека во иднина ќе оствариме како на спортски така и на бизнис план цели чијшто заеднички слоган е - заедно до врвот.“

1 ноември 2017 - 15:24