Со каков состав ќе отпатува Америка на Светското?

Легендарниот Грег Поповиќ кој неодамна стана селектор на Америка, остана и без новиот кошаркар на ЛА Лејкерс Ентони Дејвис за Мундијалот, така што САД ќе бидат без уште една супер ѕвезда.

Летово Ентони Дејвис ќе снима Space Jam 2 и ќе тренира со Лејкерс. Решил да не игра на Светското во Кина, а тоа го потврди неговиот агент Рич Пол за Yahoo Sports.

Дејвис наводно сакал максимално да се спреми за новата сезона 2019-2020, откако претходната му беше бледа уште од февруари месец кога објави дека сака да замине од Пеликанс.

Фантастичниот АД (26) беше планиран за најголема ѕвезда на САД на Мундијалот во Кина со Џејмс Харден, но очигледно дека тој ќе го гледа Светското од Лос Анџелес и ќе се спрема за Олимпијадата 2020 во Токио.

Инаку новото засилување на Лејкерс беше на проширениот список од 20 кошаркари кој на 5 август ќе се собере во Лас Вегас и ќе почне со тренинзи.

На Поп чии помошници ќе му бидат Стив Кер, Лојд Пирс од Атланта и Џеј Рајт од Виланова) сега на располагање му се 19 имиња од кои на крајот ќе останат 12 кои ќе патуваат во Кина:

Харисон Барнс (Кингс), Бредли Бил (Визардс), Џејмс Харден (Рокетс), Тобиас Харис (Сиксерс), Кајл Кузма (Лејкерс), Дамјан Лилард (Блејзерс), Брук Лопез (Бакс), Кевин Лав (Кавс), Кајл Лаури (Репторс), Си-Џеј Мекалум (Блејзерс), Крис Мидлтон (Бакс), Пол Милсап (Нагетс), Донован Мичел (Џез), Џејсон Татум (Селтикс), Пи-џеј Такер (Рокетс), Мајлс Тарнер (Пејсерс), Кемба Вокер (Селтикс).

Во склоп на подготовките за Светското во Кина кое се игра од 31 август до 15 септември, Американците прво ќе тренираат во Лас Вегас, па потоа уште 4 дена во Лос Анџелес во базата на Лејкерс. Ги чека пријателска против Шпанија на Серџо Скариоло на 16 август.

На 17-ти Поп ќе го објави конечниот список, а потоа Team Usa ќе патува во Австралија за последната фаза на подготовки и пријателски натпревари.

Американците на 1 септември ќе отворат на Мундијалот против Чешка, а во групата Е во Шангај со нив се уште и Турција и Јапонија.