Син му на Солскјер може ќе дебитира против Манчестер Јунајтед

По турнејата во Азија каде Јунајтед играше ревијални пријателски натпревари против Интер (1-0) и Тотенхем (2-1), „црвените ѓаволи“ вечерва играат во Осло пријателска против тамошниот прволигаш Кристијансун.

Клубот Кристијансун е релативно ново клубче, основано во 2003 година. Игра во норвешката прва лига Елитсерие. Во екипата има фудбалери од разни националности, Естонци, Швеѓани, Сенегалци, Камерунец, Француз, Ирец итн.

Меѓу нив е и Ноа Солскјер, 19-годишен играч од средниот ред, познат најмногу по тоа што му е син на славниот Оле Гунар, некогашниот легендарен шпиц а сега тренер на Манчестер Јунајтед.

Стручниот штаб на Кристијансун решил да го стави Ноа на списокот фудбалери кои ќе конкурираат за пријателската со англискиот гигант.

Ноа Солскјер ги поминал сите младински категории, од јуниори, пионери, кадети па до младинци за конечно да биде прекомандуван во првиот тим.

„Татко му беше страшно ефикасен играч додека беше поблизу до шеснаесетникот, а Ноа е повеќе играч кој креира напади. Има многу вештини и го има фудбалот во себе. Одел во добро школо“, вели тренерот на Кристијансунд, Кристијан Михелсен.

Мечот ќе се игра на стадионот Улевол, најмодерниот стадион во Осло каде игра репрезентацијата на Норвешка. Овој стадион има капацитет од 27.200 гледачи а на него игра и клубот Валеренга.