Шпанија е нов светски шампион

Кошаркарите на Шпанија убедливо ја совладаа Аргентина 95:75 (23:14, 17:20, 16:23, 29:28) во финалето на Светското првенство во Кина и по втор пат во историјата го освоија Мундијалот.

Првата четвртина од мечот беше феноменална за „црвената фурија“, која брзо стигна до водство 12:2. Но Аргентинците, како на целото Светско, така и во финалето, играа агресивно и цврсто, па брзо се консолидираа.

Николас Брусино, кој беше во сенка на двоецот Кампацо-Скола во досегашниот тек од Мундијалот, постигна брзи 8 поени и ја врати својата селекција.

Шпанија доминираше во скок играта а нивното најсилно оружје, контранападите функционираа беспрекорно па првиот период го добија со 23:14. Реприза на првите 10 минути видовме и во втората четвртина, кога Шпанија со неколку офанзивни скока стигна до убедлива предност од 43:31 на паузата.

Шпанија се приближи до пехарот во третиот периот кога Рики Рубио (МВП на Светското) фуриозно леташе по теренот, а Марк Гасол собра речиси се под кошот. Аргентина во пар моменти се обиде да се врати, но Шпанија ја затегна одбраната и заслужено стана светски шампион.

Најефикасен играч кај Шпанците беше Рики Рубио со 20 поени, 7 скокови и 3 асистенции, а го пратеа Љуљ со 15, Марк Гасол со 14 и Руди Фернандес со браќата Ернангомез кои запишаа по 11 поени.

Кај „Гаучосите“ Габриел Дек уфрли 24 поени, Лапровитола 17, а Факундо Кампацо 11 со 8 асистенции.