Првиот Ол стар во кариерата на Коби Брајант

Ова е легендарен настан по многу основи. Тешко е да се фокусираме само на Коби, бидејќи кога ќе видите кој се играше таа година, ќе ве пукне силна носталгија. Едно што се појави како дебитант со јаки потези, друго што доби задача да се чува со Џордан и трето што имаме снимка со коментар на Љубомир Николовски.

НБА Ол старот 1998 се одржа во прочуената Медисон Сквер Гарден во Њујорк. Кој не спиел таа ноќ на 8 февруари ќе се сети за што зборуваме и ќе му биде уште по драго бидејќи ќе ја види истата снимка од А1 со коментаторската легенда која им даваше посебен драж на преносите од лице место.

Љубомир во преносот вели вака:

„Покрај Мајкл Џордан во центарот на вниманието и најмладиот играч на Ол стар игрите, Коби Брајант со 19 години и 5 месеци“.

Ова може на некој начин да ви биде најава за овој легендарен меч од тие златни кошаркарски времиња. Брајант всушност му го сруши рекордот на Меџик Џонсон кој претходно настапи на игрите една година постар. Инаку доби 395,686 гласови.

15 години постариот Џордан кој таа година ќе го освои шестиот прстен со Булси беше очекувано на прво место според изборот на гласовите со 1,028,235.

Мајкл беше неизвесен поради грип, но сепак настапи, а тоа беше натпревар на кој се наметна нивното, па ајде ако може да се каже ривалство. Џордан да потврди кој е кој, а Коби да покаже дека може да се носи со него.

Што се однесува до првите петорки, се кажуваат на памет и ако ве разбудат од сон. Џорџ Карл од Сиетл ја водеше Западната, а Лери Бирд Источната конференција.

Да се вратиме на првиот настап на дебитантот Брајант и најдобриот на сите времиња кој е неизбежен во текстов. Младиот Коби гореше од желба да се истакне и тоа му успеа во неколку наврати со атрактивни потези во кои публиката уживаше.

Одигра одличен натпревар со 18 поени и 6 скока, но не можеше да се избори за МВП во таа пеколно тешка конкуренција, каде доминантен беше Ем Џеј. Истокот победи со 135:114, а Џордан беше прогласен за најдобар играч со 23 поени, 8 скока и 6 асистенции.

Прво одиме со трите потези на Коби кои оставија белег на Ол старот.

Забивањето со 360 степени, на додавање на Шек

Цепелин во комбинација со Гарнет

И атрактивен дриблинг во дуел со Мутомбо

3 минутно видео само за Коби

И за крај цел меч со незаборавниот глас кој е асоцијација на НБА.

Ако ви се гледа со мотање, еве ви помош.

На 18:36 Доналд Трамп, Сара Џесика Паркер, Меџик Џонсон, Џек Николсон, Мохамед Али

На 19:00 забивањето на Коби Брајант на додавање на Шек

На 20:42 цепелинот Гарнет - Коби

На 45:35 Џордан vs Брајант

На 57:48 Џордан vs Брајант

17 февруари 2020 - 15:35