Кога Шпанците се држеа за глава за потегот на Нено против Барса

Феноменалната партија на Димитријевиќ против Италија не треба да претставува изненадување, затоа што Македонија во ова дете доби плејмејкер со голем квалитет и потенцијал кој има високи цели. Вртоглавица имаа Каталонците кога им ја направи финтата на влез.

Прво една одлична вест пред да се потсетиме на тој момент. И покрај повредата на вчерашниот меч против Италија, Ненад Димитријевиќ се најде во денешниот состав на Македонија која го игра клучниот меч за пласман на Европското првенство.

Селекторот Александар Тодоров е свесен за неговата важност на паркетот и го стави во изборот на 12 кошаркари, што значи нашиот плејмејкер изгледа ќе стисне заби да помогне.

Инаку 22 годишниот Димитријевиќ замина во Шпанија на 14 години и од 2016-та е член на Хувентуд. Беше избран за најдобар македонски кошаркар за 2019-та година, годината кога м го постави на Барселона наградното прашање на „Где је лопта“?

Потегот е спектакуларен во стилот на врвните плејмејкери кои мамат со лажњаци од типот на еден Џејсон Кид.

Она што дава дополнителен шмек во видеото се коментаторите кои паднаа во транс, како и публиката која се држеше за глава.

Димитријевиќ вчера имаше блескава партија против Италијанците и со 22 поени, 7 асистенции и 5 скока беше еден од најзаслужните за големата победа. Плус погоди тројка од пола терен, а режираше и цепелин.

Во 15 часот сите пред телевизор. За пласман на ЕП 2022, бркаме победа од 10 поени разлика против Естонија. Преносот е на Спортклуб 1.

22 февруари 2021 - 13:01