Буцкото кој бараше другари за баскет во маало на Фејсбук, го потпиша најбогатиот договор во НБА

НБА лигата ги виде Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Шекил Онил, Коби Брајант, Леброн Џејмс и кој уште не, ама го немаше Никола од Сомбор, кој дојде, покажа како се игра кошарка и стана уникатен мадр факр лик.

Никола Јокиќ одново ги поместува границите во најелитната кошаркарска лига во светот, откако и официјално се согласил да го потпише најбогатиот договор во историјата на НБА, тежок 264 милиони долари.

Ваков договор не се памети во историјата, без разлика што на паркетот на најславната кошаркарска сцена стапнале плејада на врвни имиња.

Јокиќ ќе стави потпис на договор во времетраеше од 5 години (2023 - 2028) и во секоја нова сезона платата ќе му расте по 8%.

По сезони, тој ќе кешира:

2023-24: 46.5 милиони долари
2024-25: 50.2 милиони долари
2025-26: 54.2 милиони долари
2026-27: 58.6 милиони долари
2027-28: 63.3 милиони долари

Пред 11 години, ова дете бараше другари за баскет преку Фејсбук.

А сега ги изеде Бил, Јанис, Кари и Дончиќ. Интересно тројца играчи од Европа се на листата на топ 5 најбогати договори во НБА.

Јокиќ е дел од НБА и тимот на Денвер од 2015-та и беше избран за 41 пик на драфтот.

Во последните две сезони држи просек од 26,7 поени, 12,3 скока и 8,1 асистенција во 34 минути по натпревар и стана само 13-ти играч во историјата со две МВП признанија во низа и само петти центар.

Во април годинава стана првиот играч во НБА лигата кој остварил 2.000 поени, 1.000 скокови и 500 асистенции во една сезона.

Цел менаџмент на Нагетси отпатува специјално до неговиот роден град Сомбор за да му ја врачи втората МВП награда.

1 јули 2022 - 09:54