Христијан Илиевски имал средби со новите уапсени местачи

Во истрагата на италијанската полиција повторно се појави името на македонскиот државјанин Христијан Илиевски пред кого главноосомничените Франческо Бацани и Спадаро Салваторе ваделе компјутер и покажувале кои натпревари се сигурни за играње во кладилница.

Франческо Бацани

Во вчерашната акција во Италија како осомничени беа споменати голем број на фудбалери, а најзвучните имиња од кои се шокираше јавноста се Џенаро Гатузо и Кристијан Броки. Но за сега како главни играчи кои вчера завршија со лисици се Франческо Бацани, Салваторе Спадаро, Козимо Ринци и Фабио Квадри.

Италијанските медиуми го објавија документот од 212 страници на кои се прикажани доказите на судот од Кремона кој во последните три години од операцијата „Ласт Бет" стигна до бројки од 54 уапсени, 120 кои се водат под истрага и нови 85 сомнителни натпревари.

Во него може да се видат улогите на сите инволвирани лица кои речиси ја уништија регуларноста на Серија А, но и во останатите помали фудбалски лиги во Италија. Нашиот државјанин кој повеќе од година дена е во бегство повторно е споменуван во најновите прелиминарни истраги на судскиот орган од Кремона.

Според нивната истрага Илиевски имал најмалку три средби со Бацани и Спадаро познати под прекарите „Чив" и „Стариот" во хотел во Милано во март 2011 година. Таму присуствувал поранешниот српски фудбалер Алмир Гегиќ, член на групата „Ѕингари" (цигани) кој беше уапсен пред околу година дена и кој призна за колку пари можело да се намести натпревар.

Тој со својот исказ на полицијата му го откри идентитетот на Мистер Икс, под кој се криеше всушност сега уапсениот Бацани. На тие средби одел и поранешниот фудбалер на Бари, Антонио Белависта кој поради местење доби суспензија од 9 години како и фудбалерот Иван Тиши кој исто така е казнет.

Покрај групата „Ѕингари" во која само дел од нив се Илиевски и Гегиќ, тајните средби ги посетувале и унгарски државјани. „Чив" и „Стариот" се споменуваат како главни играчи кои меѓу себе имале околу 3.000 телефонски повици и кои на средбите во замена за пари кажувале натпревари за кладење.

Во документот стои дека овие двајца Италијанци успевале да влезат во тренинг центрите на некои клубови од првата италијанска лига и дека знаеле кои фудбалери можат да ги подмитат. „Стариот" присуствувал на стадион за да следи како се движат резултатите на само мал дел од сомнителните мечеви кои беа објавени вчера и тоа: Киево - Милан 1:2 (20.02.2011), Милан - Лацио 0:0 (01.02.2011), Милан - Бари 1:1 (13.3.2011) и Лацио – Јувентус 0:1 (2.5.2011).

Тој на 2 февруари 2011 година влегол во тренинг центарот на Милан од каде му праќал смс пораки на Гатузо, а се споменува дека вмешал прсти и во уште многу натпревари како Бреша - Лече (27.2.2011) и Сампдорија – Палермо (15.05.2011).

Алмир Гегиќ

За да договорат местенка во Серија Б им било потребно двојно помалку пари од првата лига и со 200-300 илјади евра местеле еден меч, а со парите ги подмитувале сите страни, меѓу кои и тренерите кои барале по 70.000 евра.

Прелиминарните истраги во кои има еден куп детали, транскрипција од разговори како и објаснување на улогите на сите осомничени местачи се достапни за јавноста, а ако сакате да се збуните што се случувало со натпреварите на кои сте губеле пари во кладилница кликнете тука.

Вчера во италијанските медиуми беа обелоденети сите нови 85 сомнителни натпревари кои се играле во 2011 и 2013 година, но работите се замрсени како рибарски конец затоа што од италијанскиот фудбал очигледно дека сакале нелегално да профитираат повеќе криминални мрежи кои не јасно е дали се поврзани.

Во март минатата година весникот „Република" објави текст во кој двајца италијански новинари објаснуваат како на тајна локација во Скопје се сретнале со Христијан Илиевски кој работел како полициски специјалец.

„Велат дека сме банда, но всушност ние сме само кладилничари, најсилни во Европа. Фудбалерите кои се на број околу 30 ми велеа да се кладам на нив, а 90% се од Серија Б. Имиња не ви кажувам", стои во дел од интервјуто на Илиевски.

На средбата тој им рекол дека мечот Лацио-Џенова не го наместил капитенот на Лацио, Стефано Маури, туку Скули заедно со неговите пријатели од Џенова.

Откако летото 2011 година беше обелоденет скандалот со местени натпревари познат како „Калчоскомесе", Илиевски во Италија беше споменувам како еден од главните во балканската врска „Ѕингари" кој одработувал за босот и мозокот за фудбалските местенки Тан Сет Енг од Сингапур кој беше уапсен во голема акција пред три месеци.

Во најновата истрага во Кремона како доказ е земено и интервјуто на Илиевски кој раскажал и за извесен Салваторе од Сицилија или Калабрија кој е на возраст од 65 години и кој властите од Кремона велат дека се совпаѓа токму со Спадаро Салваторе – „Стариот" кој вчера и падна на полиција в раце.