Залепи го Мрме место „Северна“

Во изданието на Панини за ова Европско, нешто фали, а нешто е вишок. Она што недостасува се селекторите кои порано ги имаше. Она што е вишок, го знаете. Најдовме решение, со сликица која е мал подарок од нас.

На страницата број 42 на Панини албумот каде што се наоѓа македонската фудбалска репрезентација, нешто е вишок, а друго фали, па еден читател ни даде идеја како тоа да го решиме.

Да испечатиме сликици со ликот на Мрме и да ги делиме наоколу.  Предлогот прифатен! Поради заштитена марка нема да може да биде Панини и да го има официјалното лого на ЕП 2020, ама сè друго е исто.

Еве го селекторот кој нема зошто да се двои од неговата верна банда со која го оствари историскиот успех. Спремен е за лепење на местото на глупото „Северна“.

Еве како тоа изгледа во пракса. Си легнува ко фластер на рана, нели?

Кој сака да го има, нека пушти нога до некоја од поголемите трафики од Карпош до Аеродром.

Испечативме неколку илјади сликици со Мрме кои се пуштени по трафиките, а ако некој се занимава со дистрибуција и по другите места во Македонија и сака да учествува во оваа акција за покривање на грдотијата со човекот кој заслужил ликот да му стои до името на нашата татковина, нека ни пише на меил или на Фејсбук, ќе се договориме да му дадеме пачки и да ги подели.

За Македонија. Никогаш Северна.

п.с. Немој некој да ви барал пари за сликица, ги имаме дадено бесплатно.

21 април 2021 - 12:45