За Де Лаурентис стадионот на Наполи е крш како полски нужник, му се сели во Бари

Во пресрет на стартот на Лига на шампиони, претседателот на Наполи Аурелио Де Лаурентис признал дека ама воопшто не му се допаѓа состојбата на стадионот „Сан Паоло“.

„Ужасен е. Така осакатен стадион го ограничува статусот на Наполи на меѓународно ниво. Би изгубиле две години, но јас би изградил нов стадион и тогаш никој нема збор да ми каже. Да имам земјиште и пари, проектот ќе беше започнат“, рекол Де Лаурентис.

Ова не е првпат Де Лаурентис да се исмева со „Сан Паоло“. Во 2015-та тој се ругал со овој стадион за време на спорот со градоначалникот Луиџи Де Магистрис со кого неколку години се расправаат кој треба да вложи пари во реновирање на стадионот.

Според Аурелио Де Лаурентис, тој и градоначалникот се договориле дека претседателот на Наполи ќе вложи 20 милиони евра во реконкструкција на стадионот, а потоа Де Магистрис изјавил дека Наполи не предложил никаков проект за реконкструкција на „Сан Паоло“ и согласно тоа не издале дозвола за започнување на работите.

"Тој терен е најдобар во цела Италија. Но мене ми е срам да ги играме натпреварите на тој стадион. Таму нема дури ни тоалети. Моравме да носиме подвжни од Тоскана. Со овој стадион секогаш има многу пролеми, а јас се научив да го сакам благодарение на навивачите и нивните песни.

Кога игравме против Јувентус, претседателот на торинскиот клуб Андреа Ањели го гледаше стадионот и беше многу посрамотен. А што ќе правиме кога ќе дојдат Челси, Манчестер Сити или Баерн Минхен? Како да им објасниме на гостите дека градскиот совет не дава дозвола за ремонт? Ќе се смеат со мене“, рекол Аурелио.

Во 2016-та претседателот на Наполи Де Лаурентис изјавил дека веќе нема да оди на „Сан Паоло“.

„Таму ни на ѓаволот не му е добро. Сакам да направам стадион за 20.000 места и да изгледа како театар или кинотеатар со модерни тапацирани седишта. Да бидеме клуб кој ќе биде поблиску до тимот. Таков стадион секогаш ќе биде полн. Киното ви дозволува да фантазирате, како и фудбалот“. 

Пред еден месец Де Лаурентис одново ја отворил темата за тоалетите: „Наместо модернизација ние гледаме дека стадионот се повеќе изгледа на нужник, на тоалет. Јас веќе се навикнав на лагите на Аурикио (одговорен за надзор на реструктурирање на стадионот). Тој треба да ми објасни зошто за 8 години „Сан Паоло“ се повеќе личи на тоалет“.

Во одговор на ова, градоначалникот на Неапол изјавил дека Наполи ќе игра само на „Сан Паоло“: „Де Лаурентис кажа дека ’Сан Паоло’ е тоалет. Но тој ништо не направил да го среди тој тоалет. За разлика од другите претседатели, тој не вложил во стадионот ниту едно евро, но затоа имаше пари да заврши други зделки“, рекол Луиџи Де Магистрис, градоначалник на Неапол.

****

Таа друга зделка е Бари, фудбалскиот клуб од јужна Италија кој во моментов игра во Серија Д и е во сопственост на најстариот негов син Луиџи Де Лаурентис кој е претседател на клубот. Аурелио во вторникот предложил натпреварите од Лига на шампиони Наполи да ги игра на стадионот во Бари.

„Побарав од УЕФА да играме во Бари, по цена да мора од џеб да платам 1.000 автобуси за превоз на нашите навивачи. „Сан Никола“ е господски стадион“, рекол Де Лаурентис во интервју за ‘Corriere dello Sport-Stadio’

„Сан Никола“ каде игра овој клуб собира 58.270 гледачи. „Сан Паоло“ е поголем затоа што собира 60.240 гледачи но е 30 години постар (1959 со 1990). Стадионот на кој белградска Црввена звезда стана европски шампион во финалето против Олимпик Марсеј се наоѓа на 258 километри од Неапол но Де Лаурентис во изјавата ветил дека ќе изнајми автобуси за сите навивачи на својот тим.

Аурелио е познат по необични изјави така што многумина сметаат дека ова со Бари му е само предлог со цел да го крене реномето на новокупениот клуб со кој газдува син му во третата лига. Дали е искрен останува да се види иако градоначалникот на Бари синоќа изјавил дека стадионот во нивниот град не ги исполнува критериумите на УЕФА и дека има проблеми со струја.

Еве како изгледа стадионот „Сан Никола“ во Бари кој е изграден за потребите на Светското првенство во Италија 1990:

****

Аурелио Де Лаурентис има 69 години. Син е на Дино Де Лаурентис легендарен продуцент, режисер и глумец кој работел со Фелини, Бергман, Линч и Ридли Скот.

Наполи во Лигата на шампионите ќе игра во група со Ливерпул, ПСЖ и Црвена звезда. Првиот домашен меч го играат на 3 октомври против европскиот вицешампион.