Во оваа луда ера на милиони, нема никогаш да има господин како Дел Пјеро

Игуаин 90 милиони, Роналдо 94 , Бејл 100, Погба 105, Дембеле 105, Мбапе 180, Нејмар 222 се најскапите 7 трансфери во историјата, кои замислете заедно прават сума од скоро 900 милиони. Тоа се историски моменти со доза на забеганост, кои никогаш нема да бидат поубави од оваа приказна.

Крајот на 90-те и почетокот на новиот милениум е златниот период за Серија А за која се тепаа да заиграат најголемите фудбалски имиња во светот. Иако ова случување не е толку старо и беше пред 12 години, сепак од тој период до сега се случија драстични промени во фудбалот.
 
Парите и моќта на клубовите ги лакомат врвните фудбалери за богат трансфер и така умираат потенцијалните приказни во кој може да се роди лојалност, нешто што е бесценето за секој вистински навивач кој си го сака клубот.
 
Таков беше Алекс Дел Пјеро, кој ќе остане вечен пример кој ќе му контрира на ова чудно време на изместени вредности во кое веќе не се знае кој колку вреди.
 
Славниот италијански напаѓач во таа 2006-та стана светски првак и можеше да бира каде сака да игра, но тој не е Нејмар, туку е еден од најдобрите примери дека фудбалот може да се игра за љубов кон омилените клупски бои.
„Во годината кога бевме во Серија А, Дел Пјеро само што стана светски шампион. Кога се појави на подготовки им се обрати на сите со следниве зборови:
 
`Останувам тука бидејќи сум капитен на Јувентус и ми е дадена довербата да бидам пример за сите. Се работи за една година, ќе ја минеме брзо`.
 
Буфон, Каморанези и многу други беа пред заминување, но после тие зборови беа убедени дека треба да останат. Ако заминеше Алекс, сигурен сум дека многумина ќе го направеа истото. Но тој премногу го сакаше Јуве за да направи друг избор. Поради ова, чест ми е што играв покрај него, бидејќи пред сè тој е одлична личност и потоа неверојатен фудбалер. Најдете ми друг играч со приказна како неговата кој е спремен да игра во втора лига од љубов спрема клубот. Во денешниот фудбал тоа би го направиле многу малку играчи“, вели Давид Трезеге.
Дел Пјеро остана, играше уште 5 сезони во Јуве и во последната 2011/2012 си замина со Скудето. Ете затоа е еден од ретките гостински фудбалери кој заработил аплаузи на Сантијаго Бернабеу.
3 јануари 2018 - 15:37