Во Иран после 40 години жените ќе можат слободно да одат на стадион

А за вакво нешто да се случи, требаше стотици млади девојки и жени да бидат приведувани, претресувани и апсени, а една девојка и да се сапозапали откако била осудена што влегла на стадион.

Жените во Иран конечно после години и години, во четврток ќе може за првпат да ја гледаат својата репрезентација, откако ФИФА се закани дека ќе ја суспендира федерацијата и репрезентацијата на Исламската република Иран поради контроверзната политика да не се пуштаат жени на стадион.

Во Иран околу 40 години имало забрана за жени да присуствуваат на фудбалски стадиони и општо спортски настани, а еден од „мотивите“ на тамошните верски лица бил и тоа што жените треба да бидат заштитени од машка атмосфера и да не гледаат полу-голи мажи.

ФИФА минатиот месец му наложи на Иран да ги тргне забраните и да дозволи жени да купуваат карти во слободна продажба.

Ова доаѓа по страшниот настан во кој една млада девојка, позната како Blue Girl умре откако се самозапалила пред судот кој ја осудил на затворска казна зошто гледала фудбал.

Жените биле пресреќни поради оваа одлука и картите предвидени за нив биле продадени во најбрз можен рок. Иранската фудбалска федерација одлучила на стадионот еден голем сектор да биде предвиден само за жени.

Во четврток Иран игра квалификациски меч против Камбоџа за Светското 2022. Дуелот ќе се игра на „Азади“ стадионот во Техеран. Стадионот собира 100.000 гледачи а името на Фарси (персиски јазик) значи слобода.

Една од 3.500 жени која стигнала до драгоцена влезница, Раха Пурбакш е спортска новинарка.

„Уште не ми се верува дека ќе одам на фудбал, затоа што после толку години работа во оваа област, гледање толку натпревари на телевизија, сега ќе можам да видам се во живо“, рекла Раха за АФП.

Но и натаму, вели Раха, останува горк вкус, затоа што многу жени ќе останат без влезници а оние кои ќе влезат на стадион ќе ги надгледуваат 150 полицајки.

Од 1979 година кога се случила Исламската револуција, жените во многу ретки случаи можеле да се појават на стадионите во Иран.

9 октомври 2019 - 13:19