Турските репрезентативци срамно пречекани во Исланд

Во 4. коло од квалификациите за Европско 2020, Турција вечерва му гостува на Исланд кој досега не им се покажал како прав домаќин.

Центарфорот на Турција, Бурак Јилмаз изјавил дека после летот од 6 ипол часа, на аеродром репрезентативците ги држеле уште цели три часа и неосновано им тарачкале по личните работи.

Најнепријатна епизода имал капитенот на репрезентацијата и легендата на турскиот фудбал, Емре Белозоглу. На аеродромот, додека 38-годишниот Емре давал изјави, некој човек кој се претставил како репортер наместо микрофон, на фудбалерот му потурил четка за миење садови.

Овој инцидент Турција го кренала на повисоко ниво, па испратиле протестна нота до исландскиот конзулат. Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу напишал дека односот во Исланд со репрезентативците на неговата земја е крајно неприфатлив и дека е дипломатски скандал.

Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин исто реагирал на непријатната сцена: „Голема непочит кон нашата репрезентација. Тоа е недопуштено. Сигурен сум дека нашите момци на терен ќе одговорат најдобро на овој инцидент“.

Од министерството за надворешни работи на Исланд, пак, одговориле дека Турција не е во Европскиот сојуз и Шенгенската зона каде важат општи правила за безбедност, па поради тоа фудбалерите чекале да минат низ стандардните процедури кои според исландските медиуми траеле 1 час и 23 минути, а не како што рекол Бурак Јилмаз повеќе од 3 ипол часа.

На крај се испоставило дека човекот кој му ја потурил четката за миење во лице на Емре бил белгиски турист Корентен Сјаман: „Додека чекав лет, ја видов репрезентацијата на Турција и решив да ги имитирам новинарите а во мене имав четка. Обезбедувањето не ме забележа. Не сакав никого да навредам. Дури успеав и да поставам прашање: „Какво е расположението меѓу вас после победата над Франција“.

Во секој случај, сега Турците, по сјајниот почеток на квалификациите, имаат дополнителен мотив за мечот во Рејкјавик.