Тричковски даде гол на меч кој беше прекинат поради голем инцидент

Мечот Штурм - АЕК Ларнака (0:2) на кој нашиот Тричковски даде гол за гостите, беше прекинат откако на линискиот судија му беше дупната главата со предмет фрлен од трибините.

Македонскиот репрезентативец го постигна вториот гол на мечот во 74’ минута, негов трет сезонава во Лига Европа со што сега на своето конто има дури 12 голови вкупно за кипарските клубови во еврокуповите:

Тричковски три минути после голот беше заменет, а од 60’ минута во игра влезе и нашиот втор интернационалец во АЕК Ларнака, Даниел Мојсов.

Но мечот остана во сенка на големиот инцидент веднаш по вториот погодок на гостите кога навивач на Штурм со лименка пиво го погоди шведскиот помошен судија Фредрик Кливер.

Линискиот судија падна на тревникот со разбиена глава и не можеше да го продолжи мечот затоа што обилно крвареше.

На мечот кој се играше во квалификациите за Лига Европа работеше шведска судиска тројка на чело со Мохамед Ал Хаким и помошниците Петер Магнусон и Фредрик Кловер.

Во 74’ минута кога се случи страшниот инцидент, судијата го прекина мечот, двете екипи отидоа во соблекувалните, а на линискиот судија му се укажуваше медицинска помош. По разговор со делегатот од УЕФА мечот продолжи. Паузата траеше околу половина час.

Штурм веднаш упати соопштение до јавноста во кое и се извинува на цела Европа, го осуди однесувањето на навивачот и соопшти дека полицијата го привела.

„Такво однесување како на вечерашниот меч од Лига Европа е недопустливо. Тоа им нанесе голема штета на репутацијата на фудбалот и на нашиот клуб. Секогаш се трудиме да гледаме на фудбалот како на празник, правиме се за да изгледа како празник. Фер играта е наш приоритет“, стои во соопштението на Штурм Грац.

Мечот заврши со 0:2 за АЕК Ларнака, а двата гола паднаа уште пред инцидентот. УЕФА не ја коментираше епизодата, но сигурно ќе има казна за австрискиот клуб.