Тренерот на Челси до 40 години работел во банка па напуштил за Серија Д

„Го знам јас него, уште од првиот ден кога дојде овде заедно работиме. Тој нема да отстапи од животниот сон да стане професионален фудбалски тренер“, рекол колега на Маурицио од банкарските денови. И погодил.

Маурицио Сари, еден од најдобрите тренери на денешницата, не бил познат фудбалер во младоста. Играл фудбал неколку години и тоа на полу-професионално ниво, во тимот Фиљине во Серија Д.

За да сфатиме на кое ниво бил тој фудбал: На еден од натпреварите 15-годишниот Сари ја водел екипата затоа што главниот тренер се скарал со управата и ги бојкотирал средбите.

Маурицио ја земал ситуацијата во свои раце: се качил со екипата во автобус, му кажал на судијата дека тренерот е отсутен, го избрал составот и формацијата, и победиле 2:1. Набрзо тренерот се вратил во стројот а Сари се однесувал како ништо да не било.

Веќе на 19 години Сари завршил со играњето фудбал. Го мачеле повреди, а обидот на управата да го пресели во Монтеварчи кој играл во погорна дивизија бил неуспешен.

Младиот стопер од Серија А никој не го запаметил.

***

По напуштањето на фудбалот, изворот на какви-такви приходи му пресушил, а семејството во кое татко му работел во заводот за произвоство на гуми Pirelli, немало многу пари.

Маурицио наскоро се запишал на локалниот факултет каде учел економија и банкарство. Во 1980-те, после една години студии, тој почнал да стажира во тосканското одделение на најстарата банка во Италија, Montepaschi.

Маурицио кој во младоста повеќе време поминувал со топката отколку со книгата, сега не само што стекнал економско образование, туку и лесно се справувал со банкарската работа.

После неколку години совесна и макотрпна работа, Сари го унапредиле и го пратиле од централата на запад. Така во животот на Маурицио повторно се вратил фудбалот.

Тој склучувал меѓубанкарски договори со клубови од други земји (обично во Луксембург и Германија, но еднаш шест месеци живеел и во Англија). 

Строгиот дрес-код на банката подразбирал дека на работа треба да се појавува во костим. Сари носел исклучително црно одело и тоа затоа што мислел дека оние во боја не му носат среќа.

„Црно палто, црна кошула, црно сако, црн каиш. Сари зрачеше со мрачна харизма која им беше интересна на жените“, се сеќава негов колега од банката.

Во таков строг режим Маурицио работел околу 9 години. Животот му бил среден и стабилен, но му фалела неговата најголема страст - фудбалот.

****

Во 1989 година, на 30 години, Сари и се приклучил на аматерската екипа Стиа во Серија Д.

Брзо станал лидер на тимот но поради една стара повреда на препоните, ретко играл и ретко тренирал. Но кога тренирал и играл морал да помине 80 километри за да стигне до теренот.

Во еден момент се сменило се. Сезоната 1990/1991 клубот Стиа ја започнал очајно и после 8 меча го избркале тренерот. Кога тргнале да бараат нов тренер, капитенот на екипата Вани Бергамаски на претседателот му го предложил Маурицио: „Зошто да не се пробаш, види како ќе биде, пробај“, му рекол капитенот на Сари а овој се согласил.

Така на 33 години Маурицио Сари ја почнал тренерската кариера.

Денот сега му станал исполнет максимално: од утро па до приквечерина работел во банка а по завршување на смена одел на тренинг. Бил тренер на провинциски клуб во Тоскана на еден час возење од градот.

Но ќејфот и меракот за вечерните тренинзи биле поголеми од уморот.

Секое слободно време го користел да гледа фудбал. Заборавил на неговите омилени автори - Чарлс Буковски, Џон Фант и Марио Лос. Секој вторник пред да почне смена во банка тој купувал „тазе“ весник La Repubblica и ја читал колумната на популарниот фудбалски аналитичар Џани Брери.

Селектор на Италија во тоа време бил Ариго Саки и Маурицио од колумнистот дознавал за нови тактички решенија на стариот лисец. Тогаш Сари работел со аматери кои исто како него со фудбал се занимавале само по работното време. Брзо се здружил со играчите и им станал омилен.

Додека работел како тренер во нисколигашот Антела (1996-1998), со екипата после секој домашен натпревар оделе во пицерија чиј сопственик бил газдата на клубот.

Сари ден-денес се сеќава на тие времиња: „Иако беа аматери, кон фудбалот се однесуваа многу поодговорно и од некои професионални фудбалери со кои сум работел“.

На тој начин Сари го минувал секојдневнието цели 9 години, период во кој сменил пет аматерски екипи. Кога работата на два фронта му станала се понапорна, во 1998 година Маурицио се преселил на должноста финансов консултант затоа што му одземала помалку време.

„Кога седев во канцеларија, мислев на тренерската работа, на фудбалскиот терен, на тактиката. Со часови не помислував на ништо друго, сакав само што побрзо да дојде време за тренинг со своите момци. Во тој период мислев на фудбал по цели денови и напуштањето на банката стана неизбежен избор“, искрено признава Сари.

Пресвртот му се случил во 2000 година кога го назначиле за нов тренер на Сансавино во Серија Д. Газдите на клубот биле амбициозни и сакале да обезбедат пласман во повисока лига. Сари сфатил дека ќе мора да си оди од банката.

Уште една причина за тоа бил и татко му на Маурицио, Америго кој во младоста бил велосипедист и победил на 37 трки. Успесите на Америго го привлекле вниманието на прославениот италијански бициклист Гастон Нечини (освојувач на Тур де Франс во 1960-та) кој го викнал Америго во својата професионална екипа.

Сари-постариот не сакал да ризикува и одбил а потоа постепено го напуштал велосипедизмот и се вработил во заводот за производство на гуми. За таквата одлука се каел цел живот. Маурицио ветил дека никогаш нема да ја повтори грешката на татко му.

Тогаш и луѓето од банката, неговите колеги и шефовите ја знаеле неговата желба да стане професионален тренер и му организирале проштална вечера.

„Работев со Маурицио од првиот негов ден во банката и знаев: тој нема да се откаже од своето. Тој секогаш ја постигнува целта“, рекол негов колега од времето.

Кога Сари се откажал од високите заработувања и спокојниот живот го заменил за оној динамичниот - фудбалскиот, веќе имал 40 години. Бил спремен да работи дури и бесплатно.

20-годишната банкарска кариера му помогнала во тешката трансформација. Првите сериозни пари од фудбалот ги заработил дури после пет години, кога дебитирал во Серија Б (во 2005 година со Емполи). Кариерата во банка многу му помогнала и во 2015-та. Кога претседателот на Наполи Аурелио Де Лаурентис бирал нов тренер по отказот на Рафа Бенитез, се сетил на човекот кој во банка брзо носел големи и клучни решенија (во фудбалот тоа е проблем).

Маурицио Сари ја прифатил понудата на Де Лаурентис и го оствари животниот сон, да води екипа од Серија А со која ќе конкурира за врвот.

Во Емполи, клуб со кој се прослави, Маурицио Сари често бил во спор за составот со спортскиот директор Марсело Карли и како по правило, ја затворил вратата со реченицата: „Јас се занимавав со банкарски операции тешки милиони евра, па со со стартниот состав нема да се справам“.

По фантастичните резултати со Наполи, Сари летово се пресели во Лондон каде стана тренер на Челси, екипа која веќе ги собира плодовите од работата со него.