Најголемиот фудбалски инсајдер во светот - Џанлука Ди Марцио

„Тој знае за трансфери толку многу што може да ти каже кај оди жена ти“

400 постови дневно, од кои еден може да го здрма целиот фудбалски свет. Играчите го прашуваат каде ќе ја продолжат кариерата, раководните луѓе го викаат во канцеларија. Џанлука Ди Марцио - најголемиот инсајдер во фудбалот.

Париското студио на Sky Sport е монтирано на брод кој е закотвен на брегот на реката Сена спроти Ајфеловата кула. На ЕП 2016 водителот на најпопуларното шоу за трансфери во Италија ги коментари натпреварите и работи во вечерен термин.

Во кадарот, секогаш насмеан, Џанлука Ди Марцио нема толку време да им поставува прашања на гостите во емисијата, затоа што редовно го ажурира и скрола по својот Ајфон, чекајќи информации за трансфери во секој момент. Тоа е шанса за него прв да ги објави најзанимливите информации.

„Еден ден додека го водев шоуто Calciomercato, раскажува Ди Марцио во интервју за рускиот «Матч ТВ», две минути пред крајот на емисијата добив порака од еден агент: - Ел Шарави преоѓа од Милан во Монако. Се обидов да ја проверам информацијата и му пишав на Галијани, но остана уште малку време. Изворот кој ми ја даде информацијата никогаш не промашил и без потврда од Милан ја завршив емисијата со зборовите: Според моите информации, Стефан Ел Шарави оди во Монако. После седум минути ми стигна порака од Галијани: „Вистина е, но како знаеш ти?

Зошто го избравте новинарството?

„Татко ми, Џани Ди Марцио работеше како фудбалски тренер. Беше во Наполи, Џенова, Палермо, а потоа во нашиот дом имаше две работи: леб и фудбал. Гледав како татко ми тренира, како преговара со агенти и директори и сфатив дека сакам да се занимавам со нешто такво. Пробав да играм фудбал и да тренирам со екипата, но во соблекувална сите ми се смееа: - Џанлука, ти не си за фудбалер. Коментирај, анализирај, разбирај, ѕвони прави што ќе правиш, но не излегувај на теренот.

Од дете се замислував како новинар. Организирав средби меѓу децата. На 22 години почнав да работам на телевизијата во Падова каде ги коментирав натпреварите на локалниот тим, а 10 години подоцна се преселив во Милано каде потпишав договор со Sky Sport".

Вистина ли е дека татко ви работел со Марадона?

„Да. Во 1978. година татко ми отиде на Мундијалот во Аргентина. Заедно со Џовани Трапатони и Луиџи Радиче се сместиле во хотел во Буенос Аирес каде секоја вечер доаѓал локалниот тренер и го молел татко ми да види еден од неговите фудбалери: „Мистер Ди Марцио, мора да го видите! Татко ми тогаш работел во Наполи, а тогаш тренерите давале се од себе да ги продатат своите играчи во Италија. Татко ми не сакал никого да гледа додека човекот не дошол со шампањ во рака и цвеќе и кажал дека е од Катанѕаро (град во Јужна Италија).

Се работело за Марадона. Поради него организирале пријателски меч, но Диего не дошол. Татко ми збеснал: „Ме викнавте до овде да гледам некој играч кој не е овде"!? Човекот му се извинил: „Мистер, тој е многу лут и бесен затоа што селекторот Меноти не го ставил на конечниот список на Аргентина за Мундијалот.

Морале да отидат до кај Марадона дома. Диего отворил врата во скинати шорцви. Тогаш имал 16 или 17 години и живеел многу лошо. „Човеков го тренира Наполи. Ако играш добро, ќе те носи за Италија. Спреми се и одма на стадион"!

Во 50. минута од мечот татко ми замолил да го заменат Диего. Се вратил во хотелот каде му дал лист и пенкало на Диего и му кажал да напише официјално писмо дека сака да игра со Наполи и да работи со Џани Ди Марцио. После тоа, татко ми почнал да води сметка за него и да му помага на Диего. Му купил нови шорцеви, нормална маичка и дрес. Во знак на благодарност, Марадона му носел цигари“, се сеќава Џанлука Ди Марцио.

Но од Аргентина Марадона не заминал во Наполи, туку во Барселона.

„Во 1978. година во Италија имаше лимит, ограничување на странски играчи. За да потпишеа со Диего, мораше да го купат од Аргентина и да го пратат на позајмица во Белгија или на пример во Шведска. Татко ми долго го убедувал раковдството на Наполи да го стори тоа, но тие не сакале да платат 200.000 долари за неизвесност. Така Марадона отиде во Барселона, а во Наполи дојде после пет години, но за 13 милиони долари (цел град собирал пари да имаат точно). Тогаш Марадона дал интервју на новинарите и кажал дека неговото рано доаѓање во Италија е благодарение на Џани Ди Марцио.

Кога ја дознав таа приказна од татко ми, мечтаев за интервју со Диего. И после 20 години успеав. Кога Марадона дојде во Италија, новинарите побудалеа. Да се договори интервју со него беше нереално. Но се договорив со неговиот менаџер. „Вие не ме паметите, но јас сум син на Џани Ди Марцио", му кажав на Марадона кога се најдовме во ресторан. Диего не можеше да поверува. Ме бакнуваше и направивме 20-минутно интервју за Sky Sport.

Ги специјализиравте трансферите. Кои се вашите извори? Од каде добивате инсајдерски информации?

„Од претседатели, менаџери, спортски директори, играчи. Но сега извор може да бидат и социјалните мрежи. Еднаш еден тип ми напиша порака: „Џанлука, имам нешто занимливо за вас. Работам како келнер и само што ги служев на маса Антонио Конте, Карлос Тевез и Бепе Марота".

Може нема да ми верувате, но само сакав да ви дадам информација". Но беше во право! Утрината му пратив смс порака на спортскиот директор на Јувентус: „Како вчера на вечера со Тевез"? Уште не пратена, ми се јави: „Проклет да си Лука, невозможно е! Од кај дозна"?

Колку пораки праќате и примате секој ден?

„300-400, но само една може да направи потрес во целиот свет. Така на пример дека место Валтер Мацари ќе дојде Роберто Манчини дознав преку WhatsApp доцна една вечер. Информацијата морав да ја проверам. Му пишав на спортскиот директор на Интер: „Слободно ѕвонете ми во секое време, важно ми е". Пројдоа 5 минути, 10, тој не одговори и којзнае дали ја прочитал порката.

Тогаш му пишав на друг менаџер во Интер, на Марко Фасоне: „Знам за Манчини. Ако не ми се јавите за пет минути, ќе се јавам во Sky Sport и ќе им ја дадам веста". Телефонот ми заѕвони за 30 секунди: „Кој ти кажал? Мацари уште не е ни кандидат. Те молам држи ја информацијата до сабајле".

Цела ноќ се плашев да не ја земе некој друг новинар, но Интер беше многу чесен и коректен. Сабајлето ми се јавија рано и ми кажаа: „Договорот со Манчини е потпишан. Може да објавиш во емисија, но не кажуваш кој ти дал инфо". Конечно вечерта објавив и сега во Интер знаат во кој може да имаат доверба", раскажува харизматичниот Ди Марцио.

Колку често зад такви договори ве претркала конкуренцијата?

„Последен пат се случи буквално вчера. Во 12 часот ми кажаа дека Џанлука Лападула потпишал договор со Милан. Се јавив кај неговиот менаџер а тој демантираше се: „Не е вистина, никаков договор нема. Почекајте уште малку, ако има нешто ќе ве известиме прв". Верувам дека делуваше искрено и дека нема да ја даде информацијата. Но додека чекав сигнал не претркаа конкурентите. Се случува и тоа, но јас го ценам својот углед премногу за да одам интуитивно и да згрешам. Трансферите може да пропаднат буквално во последна секунда".

Кој е вашиот најголем успех кога вашиот инсајдер не потврдил информација?

„Тоа беше веста дека Кристијан Виери се враќа во Јувентус. Тогаш само што почнав да работам на Sky Sport, а Серџо Берти агентот на Бобо Виери ми беше добар познаник. Им кажал на некои мои пријатели и почнаа да се шират гласини за трансферот на Кристијан во Торино. Во рок од неколку дена ме информираа од три или четири извори. Дадов инсајд, но утредента објавија дека Виери потпишал со Милан. Знаете што се случи? Берти најпрвин се договорил со Јувентус, но во последен момент решил да побара уште пари и договорот пропаднал.

Веднаш му се јавив: „Што е сега со Јувентус? Нели таму ќе го носеше Виери?“, бев бесен. Серџо подоцна работеше и со Де Роси, но после случката со Виери го прекинав секој контакт со него. И покрај тоа кога Виери преговараше со Фиорентина дознавме без помош на Серџо.

Екслузивна вест на која сте горд?

„Преминот на Хосеп Гвардиола во Баерн Минхен. Ако до таа вест бев познат само во Италија, после тоа станав славен и во другите земји во Европа. Веста ја објавив во февруари кога германскиот клуб уште не излезе во медиумите и новинарите воглавном ги разгледуваа варијантите на Манчестер Сити или Челси. Баерн нè демантираше нас и соопштија дека информацијата на Sky Sport е будалаштина.

После тоа почнаа да ми се јавуваат новинари од Шпанија и Германија: „Да не си грешка нешто?", „Сигурен ли си"? Секако дека сум сигурен! Иако Marca напиша „Како може италијански новинар да знае за Шпанец кој ќе оди да биде тренер во Германија?" Но кога Баерн Минхен го потврди новиот тренер Гвардиола ми се јавија и ми се извинуваа".

На Твитер имате 636.000 следбеници. Колку години го водите профилот?

„Пет години. А прв следбеник ми стана Почо Лавеци кој ми напиша: „О Џанлука, здраво пријателе мој". Во Латинска Америка Твитер е многу популарен така што за два, три часа мојот телефон се блокираше со нотификации за нови следбеници. Твитер е одлична забава која што ви овозможува да ја проширите меѓународната публика. Како што еднаш напишав на турски јазик дека Нани и Ван Перси ќе одат во Фенербахче, за неколку минути имав 6.000 ретвита и 8.000 лајка. Турските навивачи полудеа: „Човече ти си Бог! Пишувај ни почесто, само тебе ти веруваме".

Англичаните се подруги. Кога Дармиан потпиша со Манчестер Јунајтед јас го огласував секој негов чекор. Во таа ситуација имав среќа затоа што неговиот менаџер ми е добар другар. Поради тоа тој на секоја минута ме известуваше што се случува. Веднаш објавував на Твитер: „Сега Дармиан оди на лекарски прегледи", „А сега ќе потпише договор после ручекот за 10 минути". И кога пројдоа 10 минути Манчестер Јунајтед ја потврди информацијата а навивачите правеа шеги: „Ди Марцио знае за трансфери толку многу што ако сака може да дознае кај оди жена ти".

На веста за Мурињо во Манчестер Јунајтед реагираа поинаку?

Да и се почна со тоа што мене ме прашаа, дали знам нешто, а јас одговорив: „Да, знам. Жозе ќе биде во Јунајтед". Тој пост имаше илјада ретвитови и го пренесуваа сите медиуми. Од тогаш па до официјалната промоција на Мурињо, навивачите на Јунајтед ме напаѓаа и ме нарекуваа лажго".

Така беше затоа што Луј Ван Гал ги уверуваше новинарите дека ќе продолжи да работи во Манчестер, но неговиот клуб ништо не објавуваше. Затоа кога Луј доби отказ а Мурињо дојде на негово место, Англичаните се вратија на Твитер и пишуваа: „Џанлука, од денес што и да напишеш ќе ти веруваме".

Покрај Твитер имате и свој сајт. Зошто на пример не отворите весник?

„Премногу сум зафатен со работа на телевизија и радио, а сајтот е добра забава и собир на сите мои информации на едно место. На почетокот изгледаше како блог, но сега gianlucadimarzio.com е посебен медиум кој има вработени и кој е во потрага по екслузивни информации".

Имате многу вработени?

„25 луѓе. Сите се млади дечко кои ја почнуваат својата новинарска кариера. Горд сум на некои од нив. Кога од Sky Sport ме прашаа дали имам луѓе кои би можеле да работат на каналот, јас одвоив шесторица кои работат на сајтот и се одлични новинари.

Дали некогаш сте биле загрозен за некоја објавена вест или трансфер кој спречил или растурил некоја зделка?

„Сериозни проблеми немало. Можеби мал неспоразум. На пример, минатата година во Италија пишуваа дека Рома ќе го даде Итурбе на позајмица во Џенова а јас кажав дека клубот нема намера да го прати играчот во Џенова. После неколку минути ми се јави претседателот на Џенова, Енрико Прециози: „Слушај ти терористу, кој тебе ти кажал таква глупост"? Имаме состанок за утре и ќе потпишеме договор за позајмица. Следуваа реклами, а јас му шепнав: „Во емисија сум, а Итурбе кај вас не доаѓа".

Неколку дена подоцна објавија дека играчот е позајмен во Вотфорд.

Како ве известуваат претседателите на клубовите, менаџерите, агентите и играчите? Како реагираат на тоа што го работите?

„Па понекогаш ме прашуваат мене каде ќе ја продолжат кариерата. Затоа што агентите во тој момент зборуваат на други линии или се зафатени. Интересно е кога трансферот се знае однапред. Еднаш го прашав Монтела: „Винченцо, навистина ли одиш во Сампдорија? Тој одговори: „Џанлука, не мора да те известувам кога ти подобро знаеш од мене".