Тежок удар за клубот на Несторовски и Трајковски, Палермо исфрлен во Серија Ц

Поради катастрофално водење на клубот од управата, целиот макотрпен труд на македонските репрезентативци паѓа во вода. Палермо сонуваше враќање во Серија А со Нестогол и Алекс, а денес стигна гром од ведро небо.

Државниот федерален суд попладнево објави дека Палермо е исфрлен во третата италијанска лига Серија Ц, а дека во баражот за пласман во Серија А наместо нив ќе игра Перуџа.

Минатиот викенд само што се одигра последното коло во Серија Б во кое македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски дадоа по гол со плус асистенција на вториот, а денес шокантна вест од Италија.

Палермо е казнет и исфрлен од Серија Б поради грубо кршење на правилата од 2014 до 2017 година. Во тој период претседател на клубот беше контроверзниот Маурицио Ѕампарини.

Со ваквата одлука во Серија Б сега ќе има многу претумбации. Венеција која беше испадната, ќе остане во Серија Б после нивниот резултат со Карпи минатиов викенд. Фоџа ќе игра во баражот за опстанок против Салернитана, а Перуџа ненадејно доби прилика наместо Палермо да се бори за влез во елитната Серија А после долги години.

Сезонава Несторовски (29) кој е капитен на Палермо, постигна 14 гола, а Алекс Трајковски (26) 8 погодоци.