„Тебе ти аплаудира цел свет, не само на Бенито Виљамарин“

Меси има повеќе голови од слободни од цел Реал Мадрид. Неверојатниот Аргентинец по којзнае кој пат го воодушеви цел свет со луд настап. Синоќа го постигна петтиот гол сезонава од слободен удар - 4 има во првенство и 1 во Лига на шампиони.

Во последните 8 сезони капитенот на Барселона дури 25 пати бил прецизен од слободен удар во Ла Лига и сега има вкупно 28 гола од слободен удар од 330 обиди (8,5%). Во однос на конкурентите од оваа листа, Кристијано има 19 од 310 обиди (6,1%), Роналдињо 15 гола од 205 обиди (7,3%) а Роберто Карлос 16 од 382 изведени слободни (4,2%).

Лионел сезонава има најмногу голови во сите топ 5 европски лиги - 29. Меси го урна и клупскиот рекорд на Чави. Аргентинецот сега има 477 триумфи во дресот на Барселона, еден повеќе од пензионираната легенда.

Во сите натпреварувања сезонава има 39 гола и 18 асистенции вкупно. И да не заборавиме, има 31 година, не 21. Меси ја забележа 333 победа во Ла Лига и се приближи до рекордерите Андони Зубизарета и Икер Касиљас кои имаат по 334 победи во Ла Лига.

„Не памтам дали ми аплаудирале на други стадиони. Им благодарам на луѓето за реакцијата, тие секогаш имаат здрав однос кон нас. Многу е пријатно чувството, им благодарам за тоа како реагираа после мојот последен гол“, изјавил Меси синоќа по триумфот на „Бенито Виљамарин“ каде илјадници навивачи на Бетис станаа да му аплаудираат за неговата магија.