Судија призна дека направил кардинална грешка во бараж за Светско

Романскиот судија Овидиу Хатеган рекол дека се срами за катастрофалниот привид на мечот од баражот за пласман на Светско меѓу Северна Ирска и Швајцарија кога влијаеше на резултатот.

На првиот меч од баражот за Мундијал кој се играше на преполниот „Виндзор Парк“ во Белфаст Швајцарците славеа со 0-1 со голот од пенал на фудбалерот на Милан, Рикардо Родригез во 58’ минута.

„Се срамам поради тоа што направив грешка, а тоа ме чинеше и настап во Русија. Се надевам барем дека ќе бидам во собата каде што е ВАР. Ја признавам грешката. Судиската работа е таква и нашите грешки се како и голманските - секаде и сите ги гледаат јасно“, изјавил Хатеган кој тешко дека ќе патува на Мундијалот во Русија, дури и како контролор.

Овидиу Хатеган

Во Северна Ирска немаат намера да му простат затоа што им ја уништи историската шанса за пласман на Светско првенство. Реваншот се одигра после неколку дена на „Сент Јакобс“ во Базел и заврши 0-0 па Швајцарија обезбеди ново учество на Светски шампионат каде ќе биде во група со Бразил, Костарика и Србија.

Иако во неговата Романија го избраа за најдобар судија од фудбалската федерација на оваа земја, Хатеган нема да биде дел од 36 судии кои ФИФА ќе ги назначи да арбитрираат на Мундијалот.